Бизнис
20. October 2018 - 16:25

До крајот на годината ќе биде изградена пругата Битола- Кременица

До крајот на годинава ќе заврши изградбата на пругата Битола-Кременица, соопштија од Министерството за финансии. Информираат дека досега завршени се 90% од градежните работи.

Изградбата на оваа делница од железничката пруга, по 32 години повторно ќе го поврзе Пелагонискиот регион со Солунското пристаниште.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека ова поврзување е уште еден крак од Коридорот 10 за конекција со Солун.

Тоа претставува алтернатива како за превоз на патници, така и за транспорт на производи од и до компаниите во тој регион.

Во моментов железничкиот сообраќај на релација Велес-Гевгелија е во прекин поради оштетениот мост на Црна Река, кај Градско. Линијата не е во функција од крајот на минатиот месец, а надлежните од МЖ Инфраструктура очекуваат санацијата на мостот да заврши во текот на следната седмица.

До сега штетите само за МЖ Транспорт се околу 600 милиони евра.

Но, особено засегнати се и компаниите од металуршката индустрија, бидејќи немаат друга алтернатива за транспорт на производите до и од солунското пристаниште.

Пуштањето во функција на пругата Битола-Кременица претставува една од алтернативите. Изградбата на пругата со должина од 17 км започна во февруари годинава. Инвестицијата е вредна 17,1 милиони евра. Од нив, 12,5 милиони евра се буџетски пари, а 4,6 милиони евра се грант од европските фондови.