Македонија
22. April 2019 - 16:28

До ДИК нема пристигнато ниту еден приговор

До Државната изборна комисија досега нема пристигнато ниту еден приговор во однос на вчерашните избори. Во ДИК тече рокот од 48 часа од завршувањето на гласањето, во кој подносителите ќе можат да се пожалат за евентуални повреди при постапката на гласање.

Право да поднесат приговор имаат сите листи на кандидати кои учествувале во изборите. Од ДИК велат дека засега не се пожалил никој ниту за постапката за сумирање на резултатите, чиј рок од 48 часа тече од објавувањето на првичните резултати.

Оние кои ќе бидат незадоволни од решенијата на ДИК, ќе имаат можност да се жалат до Управниот суд. На минатите избори во институцијата пристигнале 27 тужби, но од Управен велат дека од мирниот прв круг гласање не очекуваат тужби.

Управниот суд досега постапувал по четири случаи поврзани со претседателските и предвремените избори за градоначалник.

Отфрлени се двете тужби на 1ТВ против ценовникот на ДИК за изборно рекламирање и една која се однесува за заштита на избирачко право.

Во петокот, пак, уважена е тужбата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Агенцијата се жалеше на одлукатата на Државна комисија за спречување на корупцијата, со која се истражуваше дали исплатата на владини милион и 250 илјади евра за лозарите, во период кога се распишани изборите, може да се толкува како поткуп на гласачи.