Македонија
9. September 2017 - 17:14

До денеска во ДИК никој не поднел листи за локалните избори - увидот во И.С. завршува на полноќ

До Државната изборна комисја засега нема пристигнато кандидатски листи за градоначалници и советници. Во четврток на полноќ истекува перидот во кој партиите или независните кандидати можат да ги поднесат своите кандидатури за учество на претстојните локални избори. Од ДИК велат дека засега ниту една општинска комисија во внатрешноста на државата, не информирала за поднесени кандидатури на советнички листи или кандидати за градоначалници.

Вечерва на полноќ пак истекува рокот за увид во избирачкиот список. Од ДИК велат дека конечната бројка на граѓани кои проверувале дали ќе гласаат на локалните избори, ќе биде објавена утре. Општинските изборни комисии по затворањето на канцелариите ќе ги достават податоците по што ќе следи пребројувањето..Инаку од Државната изборна комисија велат дека по заклучувањето на избирачкиот список, за него треба да се изјаснат и политичките партии.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак денеска обвини дека владеачката партија врши притисок врз Државната изборна комисија во врска со организирањето на локалните референдуми против изградбата на бегалски кампови.

„ДИК е формирана и платена од граѓаните на Р. Македонија за да го гарантира правото на слободно изјаснување. ДИК е институција која е должна да ги штити интересите на граѓаните на тој начин што ќе им овозможи непостредно да се изјаснат дали сакаат мигрантски населби во нивните општини“, вели Невенка Стаменковска, ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека референдумското изјаснување е највисок облик на демократија со што секој граѓанин го искажува својот став по однос на определено прашање.

Инаку државната изборна комисија досега се нема изјаснето по однос на барањата за референдумско изјаснување на граѓаните по прашањето за формирање мигрантски населби.