Македонија
28. May 2016 - 16:17

„Дневник“: Заев останува единствен политичар кој бил помилуван за криминал тежок 8 милиони евра

Десетина дена откако беа донесени измените на Законот за помилување, со кои се овозможи досега аболицираните да побараат од шефот на државата да биде повлечено нивното помилување, а и од кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека сака да ја симне од себе аболицијата дадена и за случајот „Глобал“ од 2008 година, такво нешто се уште не се случило, пишува Дневник.  

Заев, чија политичка кариера ја одбележа токму чинот на помилување од Бранко Црвенковски во 2008 година, за случајот “Глобал” во кој беше обвинет дека противправно се стекнал се имотна корист од над 8 милиони евра, под притисок на јавноста минатата недела излезе со став дека ќе ја повлече аболицијата.

За разлика од неговиот сегашен став, Заев во 2008 година во изјава за медиумите рече дека тоа било уставно право на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.

Според информациите од кабинетот на претседателот, до кои дошле од весникот “Дневник”, писмо од Заев во кое би се барало повлекување на аболицијата за случајот “Глобал” се уште нема. Претходно, Зоран Заев испрати писмо до претседателот Иванов со кое побара повлекување на помилувањата за случаите “Пуч” и “Поткуп”, но не испрати барање и за случајот „Глобал“.

Аболицијата на Заев со која практично прекина гонењето беше потпишана од Бранко Црвенковски на 3 август 2008 година и трае до денес, така што според толкувањето на обвинителите што ги консултирале од „Дневник“, рокот за застареност за овој случај во тој период не течел. Гонењето на осомничените во „Глобал“ уште долго време нема да биде загрозено ни од апсолутна застареност, која во овој случај би била 20 години, односно би истекла за една деценија.

Инаку, Заев со уште петмина во средината на јули 2008 година за случајот „Глобал“ заврши во притвор. Неколку месеци претходно, за нив МВР поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување. Имајќи предвид дека во кривичната пријава, а подоцна и во обвинителството тврдеа дека противправно е стекната имотна корист од над 8 милиони евра, веројатно, се работи за потешка квалификација за која Kривичниот законик предвидува казна од минимум три, односно пет години затвор.