Македонија
23. August 2016 - 11:41

Дневник: Скопјанецот Горан официјално е фантом, ама е жив и здрав

Не сум стасал во рокот да се пријавам на повикот на Државната изборна комисија за да го решам спорниот статус на Избирачкиот список, но тоа не значи дека не постојам и дека сум измислена личност, изјави вчера за „Дневник“ скопјанецот Горан Матевски, чие име е меѓу 30.580 граѓани кои веќе не се во Избирачкиот список и кои официјално станаа непостојни лица, односно фантоми.

Матевски, со кого Дневник оствариле контакт, рекол дека својот спорен статус ќе го регулира пред да бидат распишани изборите кога ќе има рок за нова проверка на Избирачкиот список и за внесување во него. Тој објаснил и зошто не стасал да се пријави за да биде внесен во Списокот.

– Јас веќе цели две децении престојувам во Сојузна Република Германија и само повремено доаѓам тука, дома. И сега дојдов минатата сабота, само еден ден по истекот на предвидениот рок за пријавување и го испуштив. Другарите ми кажаа дека моето име се наоѓало меѓу тие што се спорни. Сакам да се расчисти таа ситуација, ќе настојувам тоа да го решам кога ќе биде следниот рок, изјави Матевски за Дневник.

Инаку, тој на списокот со спорни гласачи е заведен под редниот број 463 , при што е наведено дека живее на улицата Васил Чакаларов број 32 во скопската општина Чаир. Таа улица, инаку, е преименувана и сега го носи името на поранешниот американски претседател Роналд Реган.