Свет
23. October 2020 - 20:15

Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 42.230.839 лица. Од последици од Ковид-19 починале 1.145.690 пациенти, а оздравеле 31.305.966 луѓе.

Приштина – Во Косово во последните 24 часа официјално се регистрирани две нови жртви на Ковид-19, така што бројката на лица кои починале како последица на епидемијата сега изнесува 659. Според косовските здравствени власти, вчера имало 169 новозаразени и 85 излекувани, со што бројот на лица кај кои е откриен коронавирусот од почетокот на пандемијата сега изнесува 17.591, додека на оние кои ја совладале болеста 14.979. Активни носители на вирусот моментно се 1.953 лица. Вчера се извршени 1.119, а од почетокот на пандемијата 85.042 тестирања со методот РТ-ПЦР.

Тирана – Во Албанија е регистриран нов рекорд на новозаболени или 306 од тестираните 1.412 сомнителни случаи, што е околу 22 отсто од тестираните. Од 7.621, колку што се активни на болеста, моментно во двете Ковид болници хоспитализирани се 260 пациенти, од нив 15 се на интензивна терапија, додека шестмина се интубирани. Од почетокот на пандемијата, во првите денови на март тестирани се вкупно 114.381 лице, позитивен резултат е добиен кај 18.556, додека оздравеле 10.466 (71 во последното деноноќие).

Рим – Во Италија во последните 24 часа се потврдени 19.143 нови случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата, соопшти Министерството за здравство. Претходниот рекорд беше вчера, кога имаше 16.079 новоинфицирани. Во Италија, од почетокот на епидемијата, потврдени се 484.869 случаи на Ковид-19, а починале 37.059 лица.

Виена – Австрија втор ден по ред поставува нов рекорд во бројот на новоинфицирани, кој по вчерашните 2.452 денеска достигна 2.571 и 13 смртни случаи. Покрај тоа, Виена продолжува да регистрира се поголем број новозаразени, а во последните 24 часа, во австрискиот главен град се регистрирани 615 нови случаи на коронавирус. Во моментов, во Австрија има 19.409 активни пациенти, од кои 1.058 се хоспитализирани, а 158 се на интензивна нега. Бројот на починати достигна 954.

Амстердам – Рекорден број заразени во последните 24 часа бележи и Холандија, каде што бројот на новозаразени надмина 10.000. Како што соопшти Националниот институт за јавно здравје, Холандија продолжи со трансфер на пациенти во Германија, бидејќи болниците во земјата се преполнети. На 14 октомври, Владата воведе делумен карантин за да се спречи ширењето на заразата и одлучи да ги затвори сите барови и ресторани во земјата.

Киев – Украина денеска повторно регистрираше рекорден број на нови случаи на коронавирус – 7.517, речиси 500 повеќе од вчера. Вкупниот број на заразени се искачи на 330.396. Во изминатите 24 часа има 121 смртен случај.

Париз – Во Франција 41.622 лица се заразени со Ковид-19 во изминатите 24 часа, што е за 15.000 повеќе од претходниот ден, соопшти Институтот за јавно здравство. Францускиот премиер Жан Кастекс изјави дека полицискиот час ќе се прошири на уште 38 региони од денеска и ќе опфати вкупно 46 милиони луѓе или две третини од населението.