Свет
1. September 2020 - 19:31

Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според последните податоци, во светот од новиот коронавирус досега се заразиле вкупно 25.745.059. Од нив починале 856.836, а оздравеле 18.024.796 луѓе.

Стапката на смртност во светот во текот на изминатата недела се намали за околу три проценти, а вкупниот број на нови инфекции изнесуваше околу 1,8 милиони, соопшти денеска Светската здравствена организација

Индија во изминатата недела пријави речиси половина милион нови инфекции. Северна и Јужна Америка сè уште се изложени на висок ризик од ширење на коронавирусот, а речиси половина од заразените и мртвите во светот се потврдени во Америка.

Епидемијата се влошува во Перу, Мексико, Колумбија и Аргентина, додека во Европа, со нови случаи на Ковид-19, водат Русија, Шпанија, Франција и Украина.

Епидемиите се намалени во Африка, а помалку нови случаи се пријавени во Гана, Кенија, Габон и Мадагаскар.

Ситуацијата во медитеранскиот слив и на Блискиот исток е неповолна во Ирак, Иран, Мароко, Саудиска Арабија и Кувајт.

Бројот на новоинфицирани со коронавикрусот во Велика Британија се зголеми за 1.295, на вкупно 337.168, покажуваат денеска објавените податоци на британската Влада.
Тоа е мало намалување од вчера, кога имаше 1.406 нови пациенти, јавуваат британските медиуми. Во изминатите 28 дена во земјата умреле три лица, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 41.504 лица.

Во последните 24 часа во Србија биле тестирани 7.509 лица, од кои 76 се позитивни, а две лица починаа, е објавено на официјалната веб-страница Ковид-19.

Во изминатите 24 часа во Грција е регистриран зголемен број смртни случаи од Ковид-19, починаа пет лица, додека пак бројот на новозаболени е 207 лица. Бројот на заразени, од почетокот на епидемијата се зголеми на 10.524 лица, а на починати на 271 лице.

Министерството за здравство на Кипар соопшти за два нови случаи на Ковид-19 од 2.646 направени тестови, со што вкупниот број на регистрирани случаи се зголеми на 1.490 лица. По подолго време на Кипар е регистриран и смртен случај од Ковид-19.
Од почетокот на епидемијата, починаа 28 лица позитивни на коронавирусот, а кај 21 од нив Ковид-19 бил причината за смртта.

Во Србија досега од Ковид-19 умреа  715 лица, а стапката на смртност е 2,27 проценти.

Во Албанија во изминатите 24 часа битката со опасниот вирус ја добија 227 лица, што е највисока бројка на оздравени во едно деноноќие досега. Истовремено новозаразени се 93 лица, додека умреа шест пациенти, изјави Флутура Беќо од Институтот за јавно здравје.

Од почетокот на пандемијата во оваа земја направени се 63.649 тестови, позитивен резултат е добиен кај 9.606, битката ја добиле 5.441, а умреле 290 пациенти. Во моментов активни на болеста се 3.875 лица.

Во Косово бројот на жртви од Ковид-19 во последните 24 часа се зголеми на 533, откако се регистрирани нови осуммина умрени. Во лабораторијата за молекуларна микробиологија при Институтот за јавно здравство на Косово (ИКШПК) и во приватни лаборатории вчера со методот РЦ-ПЦР се тестирани 534 лица, при што кај 147 од нив е откриено присуството на вирусот. Вкупно од појавата на епидемијата од Ковид-19 заболеа 13.602 лица. Бројката на лица кои ја совладале болеста достигна 9.792.

Би-Би-Си наведува дека заклучно со вчерашниот ден, во Аргентина се регистрирани вкупно повеќе од 417. 000 нови случаи на Ковид-19, или 8.660 смртни случаи поврзани со оваа болест. Во петокот бројот на нови инфекции во оваа земја достигна рекордни 11.717.

Бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Боливија вчера надмина 5.000, но властите очекуваат во следните денови да дојде до намалување бројот на нови случаи на инфекции.

Бразил, најпогодената земја во Јужна Америка од пандемијата, се приближува до бројката од вкупно четири милиони потврдени случаи на Ковид-19, а бројот на нови случаи вчера беше малку помал од 50 000.

Во Унгарија е пријавено дека од Ковид-19 умрело уште едно лице, а потврдени се уште и 118 нови случаи на инфекција, со што вкупниот број на потврдени случаи е 6.257, објавено беше утринава на официјалната веб-страница koronavirus.gov.hu.

Бројот на смртни случаи од почетокот на пандемијата е 616, јавува агенцијата МТИ.

Бројот на новозаболени во Словенија во последните 24 часа се зголеми за 41, соопшти словенечката Влада, додавајќи дека вкупно околу 3.000 лица досега биле заразени со коронавирусот.