Свет
1. јуни 2020 - 19:21

Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според последните податоци, во светот до сега има 6.317.156 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 374.988, а оздравеле 2.876.232 луѓе.

Атина – Националната организација за јавно здравје на Грција соопшти дека во изминатите 24 часа регистрирани се четири смртни случаи од Ковид-19, односно 179 од почетокот на епидемијата, а позитивни се уште две лица, со што бројот на заразени се зголеми на 2.918. Податоците за состојбата со новиот коронавирус од денеска во Грција ќе бидат на седмично, наместо на дневно ниво и наместо Министерството за здравство, ќе ги соопштува секој четврток Националната организација за јавно здравје.

Белград – Во последните 24 часа, едно лице e починато во Србија како резултат на коронавирусот, објавено е на веб-страницата на Министерството за здравство, covid19.rs. Вкупниот број на жртви од почетокот на епидемијата е 244. Од последниот пресек на состојбата во Србија, 2.315 лица се тестирани на коронавирус, а вирусот е потврден кај 18 лица. Од почетокот на епидемијата на коронавирус во Србија, заразени се 11.430 лица. 6.726 пациенти се излекувани.

Тирана – Во последното деноноќие во Албанија драстично е помал бројот на новозаразени со Ковид-19. Од  102 тестирани сомнителни случаи позитивен резултат е добиен кај шест од нив, со што вкупниот број на заразени се зголеми на 1.143 лица. Во изминатите 24 часа во списокот на оздравени внесени се уште пет лица или вкупно 877, активни на болеста се 233, од кои 28 се лекуваат болнички, од нив тројца се на интензивна терапија, додека еден е поставен на респираторна машина. До сега починати се 33 лица, кои боледувале и од други болести. Од почетокот на пандемијата во Лабораторијата за вирологија, при Институтот за јавно здравје направени се 16.277 тестирања, од нив 14.825 молекуларни и 1.452 серолошки тестови. Поради дополнителните олеснителни мерки кои стартуваа денеска Министерството за здравство и социјална заштита упати апел до граѓаните строго да ја почитуваат препораката за одржување физичка дистанца и носење заштитна маска.

Никозија – Министерството за здравство на Република Кипар попладнево соопшти дека се регистрирани пет нови случаи на Ковид-19 од анализирани 1.504 примероци. Од почетокот на епидемијата, заразени се вкупно 949 лица.

Будимпешта – Во Унгарија се потврдени уште 15 случаи на коронавирусот и сега вкупниот број на заразени изнесува 3.892. Во изминатите 24 часа починал еден постар пациент кој имал и друга болест, со што вкупниот број на смртни случаи изнесува 527.

Братислава – Во Словачка во текот на претходниот ден регистриран е еден нов случај на зараза со коронавирусот, и сега вкупниот број на заразени изнесува вкупно 1.522 од почетокот на епидемијата. Во изминатите 24 часа нема нови смртни случаи, па бројот на починати останува на 28 вкупно.

Букурешт – Во Романија починале уште четири лица, па вкупниот број на смртни случаи сега изнесува 1.270. Потврдени се уште 141 случај на коронавирусот, со што вкупниот број на заразени изнесува 19.398.

Љубљана – Од 246 граѓани кои вчера се тестирани во Словенија, ниту еден не бил позитивен на коронавирусот. Од последици на Ковид-19 починало уште едно лице, па сега вкупниот број на смртни случаи изнесува 109. Во Словенија до сега се тестирани вкупно 79.039 граѓани, а регистрирани се 1.473 случаи на коронавирусот.

Рим – Во последните 24 часа во Италија од Ковид-19 починаа уште 60 лица. Вкупниот број на смрСостни случаи се зголеми на 33.475. Бројот на заразени се зголеми за 200 на вкупно 233.119.

Подгорица – Црна Гора веќе 28 дена официјално нема регистрирано случаи на коронавирус.

Стокхолм – Во Шведска во последните 24 часа се регистрирани осум смртни случаи од коронавирусот, соопшти Шведската управа за јавно здравје. Вкупниот број на починати изнесува 4.403. Со 272 новозаразени, вкупниот број на заразени сега изнесува 37.814.

Загреб – Во изминатите 24 часа во Хрватска не се регистрирани нови случаи на зараза со коронавирусот, а нема ниту нови смртни случаи.