Свет
28. October 2016 - 21:10

Дмитриј Песков: Не се потребни нови напади врз Алепо

Рускиот претседател Владимир Путин верува дека обновувањето на воздушните напади врз сирискиот град Алепо засега не е потребно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Путин го отфрла обновувањето на нападите, со цел да им се даде време на САД да ја раздвојат умерената опозиција од терористичките групи и да им се овозможи на екстремистите и цивилите да го напуштат градот, истакна Песков.

Тој додаде дека „Русија сепак го задржува правото за користење на сите свои средства и сила за да и помогне на сириската војска“.

Претходно денеска, руското Министерство за одбрана соопшти дека Генералштабот на Вооружените сили на Русија побарал дозвола од претседателот Путин за обновување на воздушните напади врз екстремистите во сирискиот град Алепо по десетдневниот прекин.

Министерството како образложение на барањето го наведува јакнењето на активностите на екстремистите и натамошните страдања на цивилите.

Жестоки борби избија денеска во и околу Алепо. Нападот започна со истрелување на стотина ракети врз западниот дел на Алепо, кој е под контрола на владините сили, при што загинаа најмалку 15 цивили, а десетици се повредени, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Русија денеска кон Сирија го испрати бродот-разурнувач „Сметливи“, кој ќе се приклучи кон борбената група на руската морнарица, која се наоѓа таму неколку месеци. Тешко вооружениот брод го напушти денеска кримското пристаниште Севастопољ.