Свет
8. јуни 2016 - 10:24

Длабоки поделби внатре во НАТО

Помалку од еден месец пред самитот на НАТО во Варшава, Алијансата се уште се труди да состави четири батаљони за одбрана на своето источно крило од можен напад од Русија, а тоа меѓутоа воопшто не оди лесно, наведува „Дојче веле‟. 

„Јакнењето и модернизацијата за одбраната на НАТО, како и неговата јасна порака во смисла за одвраќање на можни напаѓачи, ќе биде суштина на претстојниот самит‟, може да се слушне од врвот на западната воена алијанса. „Сојузниците ќе ги разгледаат долгорочните последици од кризата на односите со Русија и ќе размислат за можни потези‟.

Како што е соопштено од НАТО, тоа ги вклучува и „идните одлуки за проширување на обемот на меѓународното присуство во земјите на истокот на алијансата‟.

„Дојче веле‟ наведе дека, без оглед на агресивниот однос на Русија, Сојузот длабоко е поделен по прашањето за можен одговор. Причините за поделеноста лежат во комбинацијата на историските и географските претпоставки, а се тоа е поврзано и со економските проблеми, оцени Петер Вијнинг, експерт за безбедност на Хашкиот центар за стратешки студии (HCSS).

„Еден од проблемите лежи и во тоа што граѓаните на Европа се уште не согледуваат колку е сериозна заканата пред која се наоѓаат. Таа во западна Европа не е видлива, но е јасно присутна на истокот на континентот. Ако Русија одлучи да ги заземе земјите на Балтикот, таа тоа може да го направи за неколку дена‟ - тврди Вијнинг.

Германското радио наведе дека балтичките земји Естонија, Литванија и Летонија, се најзагрижени поради сегашната состојба. Во текот на Втората светска војна нив ги анексирал Советскиот Сојуз и во 50 години на сурова окупација во тие земји убиени се или исчезнати илјадници граѓани.

Се наведува дека нервоза се чувствува и во Полска. Минатиот месец во таа земја е поставен камен-темелник за американска воена база, во која ќе бидат стационирани антиракетни системи. Во Вашингтон инсистираат на тоа дека тие системи ќе бидат во состојба да спречат само ограничени ракетни напади од некои држави, како Иран. Русија во тоа не верува. Москва тврди дека така се нарушува воената рамнотежа меѓу поранешните противници во Студената војна.

Според информациите на „Дојче веле‟, НАТО всушност веќе постигна договор за стационирање на четири батаљони кои ќе ротираат на позициите на североисточното крило на Алијансата. Секој од тие батаљони ќе има по 1000 војници. САД, Велика Британија и Германија се согласија дека секоја од нив да раководи со работата на еден од таквите мултинационални батаљони. Меѓутоа, другите големи членки на НАТО како Италија и Франција, се уште се против идејата тие да го преземат командувањето со четвртиот батаљон.

Ели Тененбаум, експерт за прашања на одбраната при Францускиот институт за надворешни односи (IFRI), тврди дека војската на Франција не располага со доволен капацитет откако Париз во ноември 2015 се најде на удар на терористички напади.

„Француската војска е премногу зафатена. Околу 10.000 војници постојано патролираат на улиците на Франција. Тоа е над 15 отсто од сите копнени сили со кои таа располага, повеќе од бројот на војниците во мисиите во Африка и на Блискиот исток‟ - наведе Тененбаум и додаде дека француската војска оперативно располага со 70.000 војници, а дека вкупните копнени сили бројат околу 100.000 луѓе.

Меѓутоа, поради ротацијата на француските војници кои одат на одмор или на обука, армијата е на работ на капацитетот при извршување на сегашните задачи.

Истовремено, укажува аналитичарот Вијнинг, Италија има проблеми од економска природа. Додека другите европски држави тешко се погодени од финансиската криза од 2008 година, Италија веќе 10 години по ред бележи постојан пад на БДП. Исто така, продуктивноста на италијанските работници е лоша и таа константно се намалува веќе 15 години, наведоа извори од ММФ. Владата во Рим затоа планира нови резови во државниот буџет, кој и така е во минус. Така износот на парите кои се одвојуваат за војската е намален на само 1,5 отсто од вкупниот државен буџет, што е допопнително намалување во однос на минатата година.

Освен новите закани поради агресивниот однос на Русија, „Дојче веле‟ наведува дека постои и една стара причина за проблемите внатре во НАТО. Секоја од државите членки е обврзана за потребите на војската да одвојува 2 отсто од сумата која е предвидена за државниот буџет. Освен САД кои издвојуваат 3,5 отсто, само неколку членки на НАТО го издвојуваат предвидениот процент од буџетот.

Експертите укажуваат дека тешко можат да се натераат државите членки да ја одвојат договорената сума пари. „Не гледам дека постои било каква директна или индиректна закана која би ја променила состојбата‟ - вели Тененбаум.

Вијнинг се осврнува и на кризата на Украина, укажувајќи на проблемот на државите во кои живеат поголем број граѓани кои се изјаснуваат како Руси. Тој вели дека грешката на Украина била во тоа што ја централизирала власта на Крим, како и на истокот на земјата. Владата во Киев сакала на тој начин да ги задуши сепаратистичките тензии, но го постигнала токму спротивното.

„Ако има нешто што државите на Балтикот можат да го научат од Украина, тогаш е тоа да не се обидуваат да ги ограничуваат правата на Русите. Ако Русите имаат впечаток дека кон нив се постапува неправедно или се чувствуваат запоставено, тоа е одличен изговор за господинот Путин да делува‟ - заклучи Вијнинг.