Македонија
9. October 2024 - 16:33

ДКСК: Синот на Мицкоски во САД бил на своја сметка, не е прекршен законот

Синот на премиерот Мицкоски, во САД на НАТО самитот патувал на сопствен трошок.

Антикорупциска од документацијата која ја побарале од Владата, утврди дека синот на премиерот авиобилетите до Вашингтон и Њујорк си ги купил сам и платил во готово. За ова биле приложени фискални сметки. За другите членови од делегацијата, вкупно 21 на број билетите биле покриени од Владата.

„Во овој список на лица не е наведено името на синот на претседателот на Владата, односно за него не се резервирани билети преку службата за општи и заеднички работи. За наведеното лице доставени се авио билети за реализирано патување на релација Скопје-Вашингтон и Њујорк-Скопје за чие плаќање се приложени фискални сметки за извршена исплата во готово“

Но синот на Мицкоски исто така и на сопствен трошок престојувал во САД. Не бил сместен во хотелот каде била македонската делегација, туку во апартман. И за ова биле приложени фактури, со што антикорупциска донесе заклучок дека нема прикшување на законот и немало користење буџетски средства за приватни цели, со што го отфрли предметот.

„Од приложените фактури се констатира дека ова лице не престојувало во хотелите каде била сместена владината делегација, туку во апартманско сместување и истите не се фактурирани на име на делегацијата на РСМ, како што е случајот со фактурите за хотелското сместување на владината делегација. Истите фактури гласат на име на физичко лице.

Не присуствувал на ниту една од официјалните средби и останоци на делегацијата, туку само на предавање на неговиот татко на универзитетот Џонс Хопкинс, откако претходно добил покана од Универзитетот.

Премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил напиша дека вистината победила и дека не прекршил ниту еден закон, а нема ни во иднина.

Со одлуката на Антикорупциската комисија се потврдија лагите на СДСМ. Го обвинија Јован, му судеа и го осудија без притоа да покажат ниту еден доказ. Виновен беше само затоа што е мој син. Останува горчината за лагите на СДСМ и нивните мегафони, посебно што нападнаа тинејџер кој ќе живее, учи и се гради како личност во средина во која политичките лешинари не бираат средства и начин во политичката арена.

Од Владата одлуката на антикорупциска ја поздравија како разумна, но и очекувана и бараат извинување од сите оние кои ширеле шпекулации.

Предметот на ДКСК за патувањето на синот на Мицкоски во САД на НАТО самитот беше отворен по допрен глас, откако излезе фотографија од Јован Мицкоски заедно со неговиот татко на терасата на универзитетот Џон Хопкинс. Тогаш опозицијата побара јавно да бидат објавени сметките од авиобилетите и сместувањето на синот на Мицкоски и во кое својство патувал со македонската делегација на самитот.