Македонија
25. October 2021 - 20:47

ДКСК очекува проактивност од институциите во борбата против корупција

Работата на антикорупциска не е доволна за справување со корупцијата во државата. Од комисијата велат дека недостасувала иницијативност од другите институции. Дел од предметите кои ги отворила антикорупциска, со месеци биле заглавени во Јавното обвинителство.

„За јавните набавки во ДИК, предметот е даден уште во 2019та година и се уште нема разрешница. За детален урбанистички план е даден уште пред шест месеци, се уште нема разрешница. Потребна е проактивност од другите институции кога се работи за предмети од особен јавен интерес“, вели Билјана Ивановска, Претседател на ДКСК.

Антикорупционерите имаат забелешки и во постапувањето на Уставниот суд, а како што велат, за подобрување на борбата во справување со корупцијата, неопходно било да се донесе и законот за потекло на имот.

Ивановска иако не сакаше да посочи имиња, вели дека за својата работа, комисијата трпела напади од поединци и носители на државни функции.

„Не сум правела список поединечно, меѓутоа, се чувствува во просторот. Имате написи по весници, од професори, од луѓе кои се сметаат за компетентни да приговараат, не мора тие секогаш да се носители на власт. Од носителите на власт пак, посебно во однос на примената на препораките и мислењата кои ги дава ДКСК“, вели Ивановска.

Од антикорупциска велат дека игнорирани останале нивните препораки за измени во начинот на избор на директори и членови на управни одбори, а институциите глуви останале и на барањето за помали овластувања на одговорните лица кои одлучуваат за нечие вработување.