Македонија
29. March 2019 - 15:38

Дивоградбата кај Чинарот е на советник од ДУИ во Општина Охрид

Инвеститор на дивоградбата во заштитеното градско јадро на плоштадот Чинар во Охрид е членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, од ДУИ. Тој за a1on.mk потврди дека гради без дозвола и очекува Општината да го легализира. „Јас не правам ништо повеќе отколку она што беше тука и претходно. Само ги заменувам натстрешниците со стакла за подобро да изгледа. Немам одобрение за градење, но немам добиено ниту решение за уривање. Очекувам Општината да ми издаде одобрение, односно да ми го легализира објектот“, рече инвеститорот Усеини за a1on.mk.

Пред три дена Општина Охрид му даде рок од десет дена на Усеини сам да ги урне металната конструкција и платформата на која е поставена таа оти нема одобрение за нивно поставување. Во решението за уривање инвеститорот е известен дека има право да се жали, но жалбата не го одложува уривањето. Градежната инспекција при увидот констатирала дека на Усеини не му е издадено одобрение за поставување урбана опрема за 2019 година, но нема ниту одобрение за градење на деловите од цврста градба во заштитеното јадро на Охрид.

Усеини тврди дека нема пречка да не му биде легализиран објектот што го гради кај Чинарот,оти го користи со години и уредно ѝ плаќал закуп на Општината.

„Секоја година редовно си ги намирував побарувањата што ги имав од Општина Охрид. Го користам просторот веќе 10 години. За оваа година немам платено ништо оти не е дојден денот“, додаде Усеини.

Дивоградбата кај Чинарот се појави викендот на 9 и 10 март кога градежни работници со багери и хилти ја урнаа старата платформа и почнаа да градат нова. Сите градежни активности беа нелегални, но инспекцијата на терен излезе десет дена подоцна, а решение за уривање издаде пред три дена.

Усеини како советник во Општината истовремено учествува во носењето на одлуките за легализација на градбите и поставување урбана опрема. Советот ја донел одлуката за поставување урбана опрема кај Чинарот во јануари годинава.

Од Општината две недели изјавуваа дека не знаат кој гради на локацијата, а кога открија дека инвеститор е член на Советот, немаа коментар зошто дозволиле службеното лице од Општината да има дивоградба во срцето на чаршијата.

://a1on.mk