Македонија
21. January 2022 - 12:23

Диви свињи се шетаат по делчевски села

Диви свињи слободно се шетаат во атарите на неколку делчевски села. 

Жителите велат дека ова е честа појава откако е на сила забраната за лов на сите видови крупен дивеч заради африканската свинска чума.

Ловџите бараат да им биде дозволен отстрел на диви свињи, барем до крајот на месецот, за да организираат хајки и да го редуцираат нивниот број, а од отстреланите единки да се земат мостри за анализа за утврдување на присуство на вирусот.

Ова според одгледувачите е доста важно, зашто се утврди дека болеста кај домашните свињи во фармата во с. Драмче е пренесена од заразена дива свиња. Во радиус од 3 км од жариштето беа еутанизрани блузу 200 свињи и закопани во специјална јама на делчевската депонија. Кај ниту една не беше пронајден вирусот на африканската чума.

Во меѓувреме регионални инспектори вршат попис на фармите во радиус од 10 км. Според податоците собрани од терен, наместо првичните 750, најверојатно бројката на свињи кои се одгледуваат на оваа територија ќе достигне до 1000. Следниот чекор е вршење на ветеринарен преглед и тестирање кое во рок од 24 до 48 часа треба да покаже дали има заразени грла. Доколку резултатите се позитивни, тие единки ќе бидат хумано уништени и одложени во јама, а ако тестовите се негативни, ќе завршат во кланица. Фармерите ќе бидат обештетени по пазарната цена на свинското месо. 

Освен во Делчевско, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изврши вонреден попис на домашните свињи на територијата на цела држава.