Македонија
10. September 2018 - 16:14

Дистрибуција на 22-та учебника ќе почне до крајот на неделава

До крајот на неделата ќе почне распределбата на новите учебници, најави заменик министерот за образование. Поради доцнење со печатењето школската година почна без книги по 22 предмети. Во меѓувреме учениците материјалот го совладуваат како знаат и умеат. Револтирани родители реагираат дека освен од искинати учебници, наставниците им праќање и преку социјалните мрежи песнички кои децата треба да ги научат.

- И тука имаше некои објективни потешкотии, но се ќе заврши како што треба. Да бидеме трпеливи уште неколку дена, изјави Петар Атанасов, заменик министер за образование и наука.

Со една недела задоцнување почна учебната година и во ОУ Гоце Делчев во Центар. Таму минатиот понеделник децата ги пречекаа работници кои сеуште ја реновираа фасадата. Градоначалникот Богдановиќ се правда дека градежните работи задоцниле бидејќи поради судска пресуда сметката на општината била блокирана неколку недели. 

- Дојдовме до еден вакуум не по наша вина. Ова се некои работи кои Општината и јас како градоначалник ги начекуваме сега. Општината се одглави, но тој вакуум период од неколку недели направи вакуум и во работата, бидејќи не можевме да потпишуваме налози за работа и да се продолжат планираните  активности, рече Богдановиќ, нагласувајќи дека е најважно што по многу години се интервенирало во ова училиште во центарот на градот и дека се менува од темел, изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

На реакциите на дел од родителите на социлните мрежи дека децата нема да ги пуштаат во настава во сабота зошто не било нивна вина што учебната година не почнала на време, директорката вели дека имале програма како да се одработат сите часови.

-Во соработка сме со Инспекторатот каде што доставивме програма, а имаме интерен распоред со кој секој наставник си знае како до крајот на првото полугодие ќе си ги одработи сите часови. Тоа е најмалиот проблем за нас, изјави Наде Молеровиќ, директор на ОУ „Гоце Делчев“.

Инаку настава во основното Гоце Делчев посетуваат 500-тини деца, освен што е реконструирана фасадата исградени се и нови простории за настава.