Македонија
17. March 2016 - 14:41

Дискусија за сличностите во македонските и турските поговорки и идиоми

Институтот „Јунус Емре“ и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ денеска организираа диксусија на тема „Усно народно творештво: сличностите во македонските и турските поговорки и идиоми“.

Долгиот период на османлиско владеење на Балканот оставил заедничко културно наследство во балканските јазици вклучително и во македонскиот. Дел од наследството се поговорките од турскиот од кои некои исчезнале, но голем број и денес се во употреба. Тие во концизна форма соопштуваат перцепции или коментари за настани во општеството и секојдневието или даваат совети и предупредувања. 

- Тие го изразуваат ставот на еден народ кон животот и светот, најдобро го резимираат и докажуваат. Тоа е најдоброто народно усно творештво, кое објаснува што еден народ сака, прифаќа или одбива, рече Мехмет Самсакчи, директор на „Јунус Емре“ на отворањето на настанот. 

Директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ Зоранчо Маленков истакна дека поговорките се сублимат на вековната народна мудрост кои ги поврзуваат народите од ова поднебје.

Озкул Чобаноглу, професор од Анкара, посочи дека поради метафоричноста, поговорките се најтешкиот дел на еден странски јазик.

- Ако не ја знаете поговорката, нема да разберете. Во отоманскиот свет поговорките се сметале за полусвети извори за општествениот живот и често се натпреварувале со зборовите од Куранот, рече Чобаноглу.

Д-р Боне Величковски од Институтот „Марко Цепенков“ рече дека некои поговорки во македонскиот јазик се автентични на оригиналните во турскиот, а почести се оние кои биле приспособени со употреба на други зборови, но кои имаат иста суштина како и оригиналните. 

Тој се осврна на поговорките за здравјето, споредувајќи ги тие што ги има во турскиот со соодветните кои се преведени или приспособени во македонскиот, како: Умот на болниот е таму кај што го боли; Тој што ја крие маката не може да најде лек; Дрвото црвот го јаде, а човекот маката... 

За заедничките поговорки во обичаите зборуваше д-р Весна Петреска, која ги споредуваше тие што се однесуваат на судбината т.е. ксметот на човекот, како: Така му било пишано; Од судбината не се бега; На сиромавиот ксметот не му работи...

Поговорките за обичаите имаат социокултурен контекст и неговото познавање е предуслов за тие да се разберат. Некои од тие поговорки се застарени и вон употреба, како на пример оние произлезени од патријархалното сфаќање за улогата на жената и нејзиниот тежок живот (Стави си венчало, стави си црнило), а некои кои се однесуваат на семејни релации се уште може да се сретнат, како: Куќа без деца, дрво без гранки; Брат брата не рани, тешко кој го нема...