Македонија
28. May 2019 - 16:38

Директорска кавга на Гинекологија - меѓусебни обвинувања за криминал и уцена

Се скараа двајцата директори на Клиниката за гинекологија. Еден за друг најавија кривични пријави. Скандалот почна откако економскиот менаџер Ваљон Беља преку фејсбук стаус ја обвини медицинската директорка Викторија Јовановска за криминал и фаворизирање на една компанија за набавка на реагенси. Јовановска негираше и тврди дека Беља ја уценувал зошто не сакала да го продолжи договорот на двајца советници на Беља за кои тврди дека биле вработени во општина Чаир.

- Прво го известив министерот и тој ми рече да отворам очи цитирам, “таму има мафијаши”, изјави пред обвинителствотото економскиот директор на ГАК Ваљон Беља.

- Тој една недела ме уценува, ако не потпишам за советниците ова ќе оди во обвинителство и ќе има “бомби”, рече д-р Викторија Јовановска, медицински директор на ГАК.

Економскиот директор Беља тврди дека спротивно на законот медицинскиот менаџер добила апарат донација од компанијата која ја фаворизирала на тендерот. Анализите наместо 3000 чинеле 15.000 денари, а се чекале многу подолго на штета на новороденчиња. Јовановска пак возврати дека со помош на тој апарат смрттноста на предвреме родените ја намалиле од 15 на 6 проценти, а се земало многу помалку крв од бебињата.

Тензијата меѓу двајцата директори ќе ја смирува министерот за здравство.

- Крајно е несоодветно да се комуницира на таков начин, да се изнесуваат обвиненија, не доликува на луѓето кои извршуваат сериозни функции и ја нарушува довербата во здравствениот систем. Денеска ќе имам средба со двајцата директори. Сакам да ги изнесат двајцата аргументите па ќе видиме што е суштината на недоразбирањето – рече д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Беља документите за кои тврди дека има криминал денеска ги достави до обвинителството и бара институциите да го испитаат случајот. За наредните денови најави нови како што вели скандалозни набавки на скопска гинекологија. Јованосвка пак возврати со најава за кривична пријава против колегата директор за клевета и нарушување на угледот.