Македонија
9. September 2019 - 16:22

Директорот на ПИОМ лично ќе изврши ревизија на барањето на Најдовски за инвалидска пензија

Директорот на ПИОМ лично ќе го разгледа случајот со Бане Најдовски од скопско Ајватовци кој и покрај тешките дијагнози неколкупати го одбиваат за инвалидска пензија. Шаип Зенељи за Сител изјави дека во текот на утрешниот ден ќе направи ревизија на документите зошто и како 59годишниот скопјанец е прогласен за работоспособен а боледува од Алцхајмер, васкуларна деменција, имал 4 мозочни удари, носи пелени за возрасни и користи туѓа нега.  Утре очекуваме одговор и од Министерството за труд и социјална политика под чија надлежност е второстепената комисија, која исто така ја одбила жалбата на Најдовски.

Според правилникот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување,

Право на инвалидска пензија има осигуреникот кај кого е утврдено дека постои инвалидност:

а) кога поради промени во здравствената состојба која неможе да се отстрани со лекување, работната способност е трајно намалена за повеќе од половина во споредба со психички и физички здрав осигуреник со исто или слично образование и способност ( професионална неспособност) а ако осугреникот е над 50 години (маж, жена).

 Сопругата на Бане вчера пред камерата на Сител кажа дека нејзиниот сопруг дневно пие по 15 апчиња, заборава, не ги познава внуците а не може сам да ги изврши ни основните потреби.

-Нека се јави работодавач што ќе го вработи, на кој му треба ваков човек, тој не може сам да отиде до ВЦ а не да работи, вели Лилјана Најдовска, сопруга на Бане.

Приказната за Бане и голготата низ инстиуциите на неговото семејство наиде на остри критики во јавноста. Граѓани на социјалните мрежи коментираат дека Комисијата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување мора под итно да биде сменета и да постават лекари кои знаат да прават проценка.

-Циркус држава. Имате бе душа вие од комисија? Жално е ова, прво да се отпуштат сите од таа комисија а потоа да се процени реално ситуацијата, зошто очигледно е дека човекот нема ни с од способен.

-За нив е важно да има раце и нозе и мислат може да работиш..жално за човекот, се само дел од реакциите.

Бане има уште 5 години до редовна пензија. Работел како возач а откако почнале неговите здравствени проблеми, кратко време бил и чувар.

Инаку, пред десет години во аферата Метастаза, повеќе од 30 лица беа осудени поради злоупотреби и малверзации со инвалидски пензии, меѓу кои специјалисти и членови на комисиите.