Македонија
1. November 2018 - 16:16

Директорот на ОТА тврди дека нема да се случат нови „бомби“

Не постои ниту теоретска ниту практична можност за прислушување на граѓаните во Македонија, тврди првиот директор на ОТА. Новоформираната оперативно техничка агенција која денеска и официјално почна да работи ќе биде посредник во следењето на комуникациите. Нејзината улога ќе биде техничка.

По добивање на наредбата од обвинителството вработените во агенцијата ја вклучуваат посебната истражна мерка и само го пренасочуваат сигналот кон барателот на услугата МВР, Финансиска полиција, Царина или министерството за одбрана. Луѓето од ОТА нема да може да слушаат и да собираат податоци, тоа ќе го прави само оној кој ги бара ПИМ мерките, но сам нема да може да се приклучува за да прислушува.

-Тврдам дека нема да ни се повторат „бомбите“ и нема да имаме афери од минатото. ОТА е максимално добро поставена, системот е тестиран и одговорно тврдам дека незаконско прислушување нема и нема да има, изјави Зоран Ангеловски, директор на ОТА.

ОТА ќе ја користи опремата од МВР. Стартува со 7 вработени од БЈБ и УБК, а нивната работа во секое време ќе можат да ја контролираат собраниска комисија со пратеници од власта и опозицијата, граѓански организации и група експерти. Тие дополнително ќе бидат избрани. Министерот за внатрешни работи уверува дека додека раководи со полицијата граѓаните не биле прислушувани освен оние за кои имало ПИМ мерки.

-Целиот период посебни офицери за безбедност вршеле контрола на неделно и месечно ниво со извештаи врз основа на наредби дадени од судот, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Но, тешко се враќа довербата кај граѓаните. Многумина сеуште мислат дека се прислушувани.

И последната анкета на Меѓународниот републикански институт спроведена летово покаува дека дури 45 проценти од македонските граѓани мислат дека Владата уште ги прислушува.