Македонија
9. April 2020 - 11:48

Директорот на „Комунална хигиена“ работеше заедно со работниците на терен

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје Абдусамед Шабани денеска беше на терен заедно со своите вработени, возачи, метачи и работници кои собираат отпад и ја одржуваат хигиената во главниот град. Ова, како што рече, е еден поттик за нашите работници во услови на пандемија на коронавирусот.

– Како кризен штаб денеска дадов насока сите да се облечеме во ХТЗ униформа и еден ден во месецот и ние да бидеме работници на ЈП „Комунална хигиена“. И да не се срамиме од тоа, а од друг аспект да изразиме морална поддршка на нашите херои, изјави Шабани.

Тој додаде дека „Комунална хигиена“ во текот на денот сообираат околу 500 тона разновиден отпад, што се транспортира до депонијата „Дрисла“.

Одговарајќи на новинарско прашање, директорот Шабани рече дека ги прилагодуваат и организираат смените на работниците во согласност со воведениот полициски час и ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот.

– Не останува контејнер кој не е испразнет во последните 24 часа. Мора да биде испразнет, рече Шабани, додавајќи дека покрај собирањето отпад, нивните екипи вршат миење и дезинфекција на јавните површини.

Тој посочи дека како јавно претпријатие секогаш имале и ќе имаат потешкотии, но, како што рече, и со овој капацитет излегуваме на крај.

Шабани изјави дека од минатата недела во индивидуалните домаќинства почна отпадот да се собира еднаш неделно, а не како досега, два пати неделно, и побара разбирање од граѓаните. Повтори како правилно граѓаните да го одложуваат отпадот и додаде оти на тој начин се заштитува здравјето на вработените на „Комунална хигиена“.

Директорот Шабани потсети дека пред две недели е формиран Кризниот штаб на претпријатието поради состојбата со коронавирусот во нашата земја. Тој рече дека секојдневно се следи состојбата на собирање отпад, миење и дезинфекција на јавните површини. Миењето на главните улици, како што рече, постојано ќе го имаме и бараме во собирањето отпад да ни се приклучат 10-те скопски општините, каде оперираме.