Директен бенефит ќе имаат македонските градежни компании - Можност за нови вработувања во градежништвото
Новиот владин проект Купи куќа за млади ќе го раздвижи градежниот сектор. Директен бенефит ќе имаат македонските градежни компании и работниците кои ќе станат поконкурентни на пазарот на труд. Зголемениот профит отвара можност за нови работни места, државните пари ќе одат директно во домашните градежни компании и во рацете на македонските работници. Синџир кој дополнително ќе му помогне на македонското стопанство. Од сојузот на стопански комори очекуваат проектот да го стимулира градежништвото кое и онака е во подем.
„Треба да стремиме градежништвото да не се развива само од овие инфраструктурни проекти, туку и преку зголемување на личната потрошувачка што ќе им овозможи на граѓаните да си го решат станбеното прашање“, истакна Даниела Арсовска, Претседател на Сојузот на стопански комори.
Според премиерот Груевски пак, покрај градежните компании, позитивните ефекти ќе ги почувствуваат и фирмите за производство на градежни материјали и за внатрешно и надворешно уредување кои се очекува со овој проект да го зголемат профитот.
„На овој начин ставаме фокус и на дополнителна поддршка на градежништвото и на градежните компании во Македонија, што ќе придонесе за нивна поголема профитабилност и за отворање нови работни места во градежниот сектор“, рече Груевски.
Градежништвото и во изминатите години беше двигател на економијата. Според статистика во третиот квартал од оваа година неговиот раст изнесувал околу 30%, а овој сектор влече уште дваесетина други гранки. Трендот ќе продолжи со новиот владин проект.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар