Македонија
14. December 2017 - 16:20

Дипломатски извори: До решение на проблемот има многу проблеми кои треба да се решат дома и во Грција

Грчката телевизија Стар ексклузивно објави дека името Нова Македонија сепак се нашло на маса на средбата на медијаторот Нимиц со преговарачите Наумовски и Василакис во Брисел. Телевизијата тврди дека тоа име било предложено од македонската страна, а прифатено од грчката.
 
Македонски  дипломатски извори негираат дека на бриселската средба воопшто било разговарано за каков било предлог за името, туку за динамиката и концепот на наредните средби за кои Нимиц рече дека ќе се одржуваат секој месец.
 
Меѓутоа истите извори додаваат дека се уште има сомнеж во желбата на Грција за постигнување компромис, пред се заради различните ставови во рамките на грчката влада, но и политичката цена што треба да се плати.
 
Пред идентична пречка е исправена и македонската влада која се уште не може да изгради консенсус со опозицијата, но и кохабитацијата со Претседателот на државата, при што преговарачот Наумовски, пред заминувањето во Брисел, имаше одвоени средби за консултации и со Иванов и со Премиерот Заев.
 
Сегашниот елан дека е можно решение за спорот за името е сличен со тој во 2007 година, пред Самитот на НАТО во Букурешт, кога е испуштена шансата за статешките интеграции.
 
Истите извори предупредуваат дека Македонија мора да ја искористи шансата во следниот период, која нема често да се повтори. Односно стратегијата за Западниот Балкан на првиот човек на Европската Комисија, во која ќе биде застапена и Македонија, а што ќе се објави во февруари, како и се поизвесната препорака за почеток на преговорите, што може да биде објавена и пред априлскиот редовен извештај.
 
Во секој случај, доколку разговорите за името бележат напредок се очекува засилен меѓународен притисок за конечено решение и врз Скопје и врз Атина.
 
Засега, покана за членство во НАТО под привремената референца на Самитот во јули не е картата на која се игра. На последната средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата, дел дале силна поддршка за членството на Македонија, а дел биле умерени, поради краткиот период во кој Владата треба да се докаже дека опстојува на курсот на реформите. Затоа од генералниот секретаријат на Алијансата е побарано во април да подготви извештај за спроведените реформи и за текот на разговорите за името со Грција.