Бизнис
12. November 2019 - 14:45

Димовски: Соработката е единствениот пат за напредок за земјите од Западен Балкан

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска учествуваше на 13-от годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, што се одржа во Приштина.

На состанокот, како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министрите разговарале за политиките и за мерките за развој на земјоделство и руралниот развој во регионот на Југоисточна Европа, процесот на регионална соработка во областа на земјоделството, како и за процесот за интеграција во Европската Унија на земјите од Западен Балкан.

На денешниот состанок министерот Димковски официјално го предал досегашното претседателство на косовската министерка за земјоделство, шумарство и рурален развој Дијана Живиќ.

Димковски про тоа потенцирал дека соработката е единствениот пат за напредок за земјите од Западен Балкан.

– Ние се соочуваме со многу слични проблеми што може да бидат решени на многу поефикасен начин, ако работиме заеднички. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, продолжува да работи посветено, заедно со другите земји во регионот, со цел исполнување на визијата за напреден и развиен земјоделски сектор во Западен Балкан. Јасно е дека без техничка и финансиска помош од Европската комисија оваа регионална соработка потешко би се развивала. Затоа, ја користам можноста да ја поканам Европската комисија да го препознае значењето на регионалната соработка во областа на земјоделството и руралниот развој за севкупно добро на земјите од Западен Балкан. Продолжуваме да работиме на имплементирање на сите предлози и политики со цел доближување кон Европската унија, изјавил министерот Димковски.

Годинешниот работен состанок е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово и Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа.