Македонија
24. December 2015 - 16:25

Димовски: СДСМ е партија киднапирана од мафијата

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на прес-конференција рече дека денес на сите им е јасно зошто Македонија живее во долга политичка криза и оти СДСМ е партијата која продуцира и создава несигурност и конфликти кај граѓаните.

СДСМ, како што посочи, си поигрува со државата, со граѓаните, со институциите и со националните интереси на Република Македонија.   

- Требаше да помине доволно време за целокупната македонска јавност, вклучително и најсилните поддржувачи на опозицијата, да ја видат, но и да ја разберат антидржавната и антинационалната политика која повеќе години наназад ја спроведува раководството на СДСМ, а е на штета на Македонија и на нејзините граѓани, рече Димовски на денешната прес-конференција.

СДСМ, според него, се фатени живи и се во кал до гуша. - Фатени се како фалсификуваат, како фабрикуваат, како подметнуваат, како лажат, како монтираат, како уценуваат, како тргуваат со криминалци, рече Димовски. СДСМ, како што додаде, има за цел на недемократски и антидржавен начин да се врати на власт без поддршка од граѓаните.

- Блокираа буџет, пензии, земјоделски субвенции, социјална помош. Организираа обиди за насилно превземање на државните институции, на Собранието и на Владата. Тепаа полицајци. Го кинеа македонското знаме. Повикуваа на насилство и меѓуграѓански пресметки. Физички нападнаа Претседател на Собрание и повеќе пратеници. Соработуваат со криминалци. Си играат со чувствата на граѓаните, рече Димовски.

Според него, СДСМ е партија која нема идеја, нема луѓе, нема кредибилитет, нема политика. - СДСМ е денес партија на мафијата која се бори против законите, поредокот, институциите и се бори да дојде на власт по секоја цена. СДСМ денес не е партија на нивното членство, кои се чесни и одговорни луѓе, рече Димовски. 

Опозициската партија, според него, покажа дека е против демократијата, медиумите, банките, се скара со синдикатите, со коморите, со верските заедници, со Народната банка, со ММФ, со Светската банка, со земјоделците, со странските инвеститори, со пензионерите, со партиите на другите помали етнички заедници во Македонија, која не сака ниту демократија, ниту ред, ниту поредок.

- СДСМ секој ден го навредува македонскиот народ, рече Димовски, и посочи дека партијата ја водат деструктивни и криминогени лица за кои секој нареден ден дознаваме се повеќе и повеќе.