Македонија
20. December 2017 - 21:42

Димовски: Нема да се кандидирам за лидер на ВМРО-ДПМНЕ дури и да се одложи конгресот

Илија Димовски вечерва пред одржувањето на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не планира да се кандидира за претседател на партијата дури и да се одложи конгресот.

- Не планирам да поднесам кандидатура дури и да се одложи конгресот затоа што мојот став не е базиран на персонални прашања. Мојот став е базиран на концептуални прашања. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ мора да смогне сили да покаже поголема зрелост од СДСМ. Мора да покаже концепт којшто ќе значи широка транспаретност, голема демократија, отвореност.... изјави Димовски. 

Според Антонио Милошоски, кој е еден од потписниците на отвореното писмо, на партијата и е потребен кредибилен конгрес за легитимен избор на претседател. - Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ без разлика кој и да биде, не треба да ја има хипотеката на претседател марионета. Затоа сметаме дека сите можни недостатоци и сомненија треба да се отстранат пред да се одржи конгрес на кој поширокото членство би дало еден суверен избор, изјави Милошоски пред седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. 

Во врска со фејсбук статусот на лидерот во оставка Никола Груевски во кој тој посочува дека одлуката за конгресот е донесена едногласно, Димовски изјави дека гласале за одржување на конгресот во декември, но во меѓувреме добиле информации за нефер и недемократски избор меѓу кандидатите, поради што се залагаат за нов датум.

Пратеничката Ане Лашкоска очекува конгресот да се одржи викендот и тврди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане компактна. - Мислам дека ќе има конгрес и дека се ќе заврши во најдобар ред. Не сум сведок на ниту една закана, изјави Лашкоска.