Македонија
21. July 2017 - 14:52

Димовски: Нема да дозволиме да бидеме алиби за штетни и погрешни политики

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ повторно бараат  да се свика итна седница на Собранието на која ќе се разгледа договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија и најавуват дека нема да бидат алиби за, како што велат, штетни и погрешни политики на владејачкото мнозинство и Владата.

- Вчера беше поднесено барањето во согласност со Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија и еве до денес нема никаков одговор од страна на господинит Талат Џафери. Ние не бараме дебата која ќе се случува во септември или октомври далеку после склучување и потпишување на ваков договор, туку бараме дебата отворена со приложен јавен нацрт договор пред потпишување на договорот со Бугарија, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Инсистираме на итност, нагласи, заради тоа што по потпишување на овој договор Собранието нема никаква можност да го менува, односно ако договорот биде потпишан во онаа форма во која што беше презентиран пред нас, потоа е залудна каква било дебата и дискусија во Собранието на Република Македонија. 

- Очигледно е дека некој ја лаже јавноста или господинот Заев ја излажа јавноста и македонското Собрание кога тврдеше дека договорот е се уште отворен и може да претрпи измени или госпоѓата Захариева ја излажа бугарската јавност кога кажа дека договорот е затворен и не може да претрпи никаква промена. Според нас, доколку не бидат вградени суштинските забелешки што ги дадовме до претседателот на Владата Зоран Заев, тогаш овој договор ќе биде штетен за Република Македонија, истакна Димовски.

Го повика претседателот на Собранието Џафери да не ја одложува постапката за свикување итна седница заради тоа што, како што рече, на таков начин ќе биде и тој соучесник во процес кој што ќе е штетен за македонскиот народ и за Република Македонија и додаде дека токму тој не смее да се стави себеси во позиција во која што би заштитувал договор што е на штета на македонскиот народ.

- Потпишување договор кој се уште не може да го види јавноста не е транспарентен процес и во кој нема да биде прифатена ниту една забелешка од страна на опозицијата не е инклузивен процес. Токму ваквиот однос го оправдува постоењето на 10 пратенички групи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, посочи Димовски.

Нагласи дека транспарентноста и јавноста во овој процес е најголема гаранција за заштита на интересите на Република Македонија и на македонскиот народ.

- Ако договорот е добар и ако решава проблеми нема зошто да го кријат и ќе добијат поддршка и од Собранието и од сите граѓани. Криењето само по себе е јасна порака дека има нешто драстично проблематично во овој договор. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ имаме целосна намера да помогнеме процесот што се поврзува со нашата патека кон ЕУ и НАТО. Но, нема да дозволиме да бидеме алиби за штетни и погрешни политики на владејачкото мнозинство и Владата, посочи Димовски.