Македонија
9. August 2017 - 15:55

Димовски: Џафери да го почитува собранискиот Деловник

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ реагира на начинот на којшто претседателот на Собранието Талат Џафери ги води собраниските седници и апелира да се однесува според Деловникот.

Димовски, кој на денешната седница на Собранието го повтори ставот дека барањето за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски е незаконско и спротивно на Деловникот, изјави дека „ниту Џафери, ниту парламентарното мнозинство не биле свесни и не го виделе  членот 8-а од Изборниот законик со кој што се ставаат во мирување сите вакви постапки“.

- Имајќи ја напамет одговорноста спрема своите политички партии и спрема Владата, како иницијатори за разрешувањето на Марко Зврлевски, којшто во конкретниов случај е ирелевантен како тема, господинот Талат Џафери и парламентарното мнозинство свесно влегуваат во кршење на Изборниот законик, а тоа обвинување го префрлаат на нас, изјави Димовски.

Џафери, наведе Димовски, узурпирајќи го местото на кое што седи има обврска само да го почитува Деловникот, тој не може да бира кој кога ќе зборува, има правилник за спроведување во таа смисла и тој најмногу од сите има обврска да се грижи за ред и  поредок во Собранието, но и за мир и соработка помеѓу пратеничките групи, и најмногу од кој било досега има обврска да се грижи за легитимитетот и легалитетот на постапката.

Според пратеникот Димовски, Џафери и парламентарното мнозинство се обидуваат на секој можен начин во Собранието да се разговара, како што рече,  за било што освен за трите клучни политички теми во моментов: законот за јазици, националната стратегија за мигрантите и Договорот за добрососедство со Бугарија.