Бизнис
9. October 2019 - 12:48

Димковски: Регионално поврзување за полесен пристап на земјоделските и прехранбените производи до поширокиот пазар

Регионалното поврзување како еден од постулатите на Берлинскиот процес, а во таа насока и активностите и мерките за што поголема искористеност на средствата од претпристапните фондови на ЕУ преку ИПАРД-програмите, се меѓу главните пораки испратени од учесниците на Форумот на Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите од Југоисточна Европа (СВГ), што од денеска се одржува во Охрид.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски пред учесниците на форумот истакна дека мерките што ги спроведуваат Владата и ресорното Министерство ја позиционираа Република Северна Македонија на лидерското место кога станува збор за искористеноста на средствата предвидени преку ИПАРД-претпристапните фондови.

– Неодамна со Република Србија воспоставивме „Оне стоп шоп“ гранични и царински процедури, потпишавме неколку спогодби со кои се признаваат фитосертификатите и се олеснуваат процедурите. Интенција е истото да се направи и со Република Албанија. Тоа ќе значи регионален пазар на трите држави, истовремено и регионален земјоделски пазар, така што пораката до земјоделците од регионот е доколку сакаат да бидат конкурентни ќе бидат потребни инвестиции во нови технологии, исполнување на стандардите на регионалниот и на поширокиот европски пазар каде конкуренцијата е доста силна. Очекуваме дека со ефективно искористување од ИПАРД-фондовите брзо ќе се спроведе тој процес на прилагодување кон европските земјоделски регулативи и подобар настап на конкурентниот пазар, а истовремено и зголемено учество на земјоделскиот сектор во бруто домашниот производ, рече Димковски.

Кога станува збор за искористеноста на фондовите што им стојат на располагање на земјоделците, неодамна беа усвоени промени во легислативата која се однесува на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој за олеснување на процедурите за аплицирање и забрзување на процесот.

Од предвидените 68 милиони евра што се на располагање преку ИПАРД 2 програмата, во земјава се искористени 19 милиони евра. Се очекува до крајот на годината да бидат искористени уште 8,7 милиони евра, што се оценува како добар знак и за земјата и за Брисел. Најголем број од апликациите се на земјоделските стопанства за набавка на механизација, следуваат барањата за поддршка за преработувачката индустрија за воведување стандарди, нова опрема и технологија, а дел е однесува на мерката за диверзификација на бизнисот, што овозможува развој на руралните средини.

Претставниците на Европската комисија изнесоа оценка дека Република Северна Македонија како корисник на ИПАРД-фондовите последните две години бележи значаен напредок во тој процес на користење на средствата за развој.

– Она што ние во Брисел го нотираме е значајно зголемен број апликации, многу повеќе од очекуваното. За средствата од ИПАРД има апликации како од земјоделците, така и од субјекти во преработувачката индустрија. Потпишани се договори, гледаме дека има инвестиции во земјоделството, се градат нови капацитети за преработка на месо и прехранбени производи. Тоа е она што е и целта, да се помогне на фармерите и прехранбената индустрија на земјата постепено да фати чекор со европските стандарди. Морам да кажам дека Македонија е една од земјите што најдобро ги искористува расположливите средства. Се надеваме дека тоа ќе продолжи и во иднина, рече Лиам Бреслин, шеф на Одделот за претпристапна помош ИПАРД при Европската комисија.

Учесниците на Форумот во Охрид ќе дискутираат за повеќе теми од интерес на земјоделците и субјектите во прехранбената индустрија од државите од Западниот Балкан, како до поголемо искористување на поволностите на ИПАРД програмата, потоа на проблематиката околу регулативите за вино, прашања за диверзификација на економските активности во руралните средини со акцент на туризмот, исполнување на стандардите за квалитет. Ќе се разговара и за воведување на мерката „Лидер“ во рамки на ИПАРД-програмите за поддршка на руралниот развој.