Бизнис
19. July 2019 - 16:41

Димковски: Откупот на праските и извозот во Русија тече непречено

Откупот на праски тече без никакви проблеми, вели министерот Димковски откако во изминатиот период земјоделците го фрлаа својот род. Надминати се сите проблеми со Русија, па годинава, според министерот, извозот кон таа држава ќе биде успешен. Досега извезени се 1.500 до 2.000 тони праска кон Русија.

-Пазарот се повеќе станува пребирлив. Асортиманот на праската кај нас е познат. Знаеме дека првата берба, односно првите сорти кои што доаѓаат индустријата не ги сака зашто не се двојат од коска и тешко може да се преработат. Така што, сите овие околности треба да се следат и оној кој има добар квалитет нема никаков проблем со праската, вели министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Вицепремиерот Анѓушев вели дека македонските земјоделци својот род го продаваат по најниска цена зашто во земјава има многу малку откупни центри за ладење на зеленчук и овошје. Според него, државата во иднина мора да вложува и во преработувачки центри.

-Не да се продаваат производите свежи и разладени, туку да се направат и преработувачки центри за што веќе и во Законот за финансиска поддршка ги вклучивме како област што сакаме да ги поддржиме во следната година. Интензивно разговараме со големи центри и ланци на снабдување од развиените земји за да ги охрабриме да дојдат и да направат производни капацитети, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Овоштарите во изминатиот период го фрлаа својот род во реките и езерата поради ниската откупна цена. Министерот Димковски вели дека фрлана била мека праска која се користи за произвдоство на сокови, но таквите проблеми се надминати, бидејќи откупот за овој вид на праска  е завршен.