Македонија
3. December 2020 - 16:32

Димковски најави средба на тутунарите со министерот поради ниската откупна цена

Годинашната реколта на тутун ќе остане на таваните. Со 150 денари просечна откупна цена, тутунарите велат дека не можат да ги подмираат ниту производствените трошоци. Вчера протестираа жителите на с. Калуѓерица, чија основна егзистенција е тутунопроизводството. Тие бараа повисоки откупни цени и реално класирање од страна на откупувачите. На иста линија со тутунарите е и заменик министерот за земјоделие Трајан Димковски.

- Ова година катастрофално почна откупот, а и сите пунктови не се отворени. Она што како последни информации ги имаме е дека просечната цена, во зависност, се движи некаде 140, некаде 160, а некаде до 170 денари, изјави Трајан Димковски, заменик министер за земјоделие.

Тутунските компании најавувале дека имаат залихи и дека годинашната реколта е со послаб квалитет, но на вака ниски откупни цени и толку доцнење со откупот никој не се надевал.

- Ова што се започна е навистина необјасниво. Ќе мора да се работи да се подобрат условите, зашто тутунот сепак е стратешка култура за нас и се разговара и мораме да ја најдеме причината зошто е започнато со толкави ниски откупни цени, додаде Димковски.

Тутунарите се истрајни во нивните барања. Велат ќе протестираат ако треба секој ден, но тутунот нема да го дадат по актуелните цени.