Македонија
20. September 2019 - 12:22

Димковски: Лозарите да не потпаѓаат на партиски притисоци

Лозарите да не потпаѓаат на притисоци од партиски структури како што беше случајот вчера со некои од нив. Отворени сме за соработка, за разговор, за дијалог, како и за сите барања, но тие треба да бидат издржани, базирани на сериозни анализи. Последните три месеци постојано комуницираме и, имајќи ја на ум целата бербена реколта, укажавме дека ќе интервенираме со мерка поголема од лани, а сакаме да ја дизјанираме заеднички, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во врска со блокадата на патот Градско – Прилеп кај Росоман

-Вчера некои лозари потпаднаа на партиски притисоци од другата страна. На протестот стигнавме 15 минути порано. Имавме прилика да видиме како со автобус се носат луѓе од Демир Капија. Во разговор со нив, сами кажаа дека се партиски претставници и дека со земјоделството немаат многу врска, ниту дека ги интересира, рече Димковски.

 

Протестот, дополни, бил поделен на две групи. Оние што навистина биле лозари, пристапиле, разговарале со него, се поздравиле. Тоа биле седум – осум луѓе. Ги прашал за нивните барања. На 15 – 20 метри стоела друга група луѓе кои, како што сами се изјасниле, биле партиска структура што ги поддржува лозарите.

Интервентната мерка по исплатените дополнителни еден денар за килограм предадено грозје, допрва ќе се донесе.

– Рековме дека ќе биде денар повеќе од лани. Не би сакале да избрзаме со носењето на одлуката, туку ќе седнеме со лозарите и заедно ќе ја димензионираме мерката што ќе даде најдобар ефект. Досега, се што е понудено е откупено. Така очекуваме да биде и со последните сорти кои се предаваат. Тогаш ќе имаме точна евиденција и ќе решиме дали ќе одиме по килоиграм, површина или ќе се одлучиме за некоја трета форма, секако, заедно со производителите, подвлече министерот Димковски.