Македонија
31. January 2018 - 12:22

Димитров: Со Грција работиме на повторно отворање на преминот Маркова нога-Герман

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека владите на Македонија и на Грција работат на повторно отворање на граничниот премир Маркова Нога - Герман, во Преспа. 

Димитров одговарајќи на пратеничко прашање на Бети Рабаџиевска Наумовска кажа дека на неодамнешната средба во Давос на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, еден од чекорите што ќе го  направи грчката страна во насока на подобрување на климата во односите меѓу двете земји е отворањето на овој премин.

- Истовремено и од наша страна и од грчка страна се отворени разговори со ЕК во смисла на финансирање и на овој проект и пошироко на прекуграничната соработка во регионот. Таму имаме и национален парк што ги поврзува и трите држави, Македонија, Грција и Албанија. Очекувам резултати во наредните неколку месеци. Има некои работи што од нивна страна треба да си ги завршат дома, изјави Димитров.

Преминот Маркова нога – Герман, според него, долго време е на дневниот ред во нашата надворешна политика и односите кон Грција.

- Меѓу другото, јас на мојата прва средба со министерот Коѕијас на 14 јуни во Атина го отворив и ова прашање, додаде шефот на дипломатијата.

Климата кон ова прашање и во Грција видно се подобрува благодарение на отворањето на земјите последниве месеци едни кон други.

- Неодамна имаше меѓуресорска средба посветена токму на ова прашање во Атина со кое што претседаваше министерот Коѕијас. Има видно подобрување и на климата на градоначалниците во тој дел на Грција што гравитираат кон граничниот премин и кон Преспа. Мислам дека ова е многу добро за прекуграничната соработка, и каде што може да покажеме динамика што ќе помогне и за други прашања, рече Димитров.