Македонија
21. March 2019 - 12:44

Димитров се сретна со Хелбах и Осовски од германското МНР

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска имаше работна средба со ополномоштеникот на Сојузното министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и за ЕФТА-државите, Кристиан Хелбах и со ополномоштеникот за ЕУ политики, Томас Осовски, кои престојуваат во работна посета на Северна Македонија.

– Во фокус на разговорот беа постигнатите резултати и очекувањата за остварување на стратешките цели на Република Северна Македонија, пред сѐ во однос на процесот на интеграција на земјата во Европската Унија, соопштија од МНР.

Димитров ги запознал соговорниците за севкупниот напредок на Република Северна Македонија и позитивната атмосфера создадена во последните 20-тина месеци во насока на унапредување на општествените процеси и доброто владеење.

– Димитров посебно се осврна на веќе оствареното во делот на клучните реформски области – реформата на безбедносните служби, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во правосудството и реформата на јавната администрација – како и за она што дополнително е планирано да се испорача во наредниот период. Тој укажа и на резултатите во надворешната политика и добрососедските односи на земјата, преку постигнатите Договори со Бугарија и Грција и нивното позитивно влијание во Регионот, Европа и пошироко, велат од МНР.

Министерот за надворешни работи упатил благодарност за досегашната поддршка од Германија како наш исклучително важен партнер, изразувајќи очекување дека истата ќе продолжи во насока на донесување одлука во јуни за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

– Од страна на соговорниците беше поздравен направениот напредок и реафирмирана цврстата поддршка на Германија за европската интеграција на земјата. Во таа смисла беше изразено и очекување дека Владата на Северна Македонија ќе продолжи да вложува дополнителни напори за задржување на позитивниот реформски тренд и продлабочување на имплементација на донесените реформи, соопштија од МНР.