Македонија
6. October 2017 - 21:03

Димитров: Преку јапонската агенција за развој „Џајка“, договараме поддршка за РЕК Битола

 Имам една убава вест, во преговори сме и во последна фаза ги договараме условите со јапонската агенција за развој „Џајка“ за поддршка со нивната компанија „Митцубиши“, поврзано со РЕК Битола, најави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров за време на неговиот денешен престој во Битола.
 
Производството во РЕК Битола, рече тој, ќе биде многу почисто и многу поеколошко. Тоа, потенцира Димитров, е многу важно прашање за Битола како град, но и за Македонија како држава.
 
- Сакам да истакнам дека мора да си ги отвориме перспективите и мора да си ја отвориме иднината. Мора да ги убедиме младите дека имаат иднина во Република Македонија, а за таква работа, треба дома да имаме ред, систем што ќе биде чесен и треба да имаме визија за тоа каква Македонија сакаме за пет години од денес, за 10 години од денес, да знаеме дека има место за нас во ЕУ, дека македонскиот пасош ќе вреди за да не трчаме по други пасоши, посочи Димитров на заедничката прес-конференција на Широк Сокак каде јавно го поддржа кандидатот за градоначалник од СДСМ, Наташа Петровска.
 
 
- Јас ја поддржувам Наташа Петровска иако не сум член на партија, но ние за жал се уште немаме луксуз за партиски натпревар бидејќи ни беше срушен и понижен системот, имавме очигледна неправда и институциите не реагираа. Како нација и општество успеавме првиот чекор да го направиме минатиот декември, а сега на 15 октомври треба да го направиме завршниот. Сегашната битка е да ја спасиме и изградиме Македонија да биде поцврста и сигурна, рече Димитров.
 
На новинарско прашање во врска со вчерашната средба со Коѕијас во Грција, дали се разговарало за формирање комисија која ќе прави ревизија на учебниците и кога може да се очекува средба за продолжување на процесот за решавање на проблемот кој Грција го има со името на Република Македонија, Димитров рече дека не разговарале за тоа прашање.
 
- Не разговаравме за тоа прашање. Разговаравме за тоа како ја гледаме иднината на регионот. Што е тоа што можеме да направиме за да се подобрат односите меѓу Македонија и Грција. Сакам да кажам дека Македонија под Груевски беше искомплексирана, уплашена и вообичаено било каков разговор се толкува негативно. Затоа и спинот беше дека ќе разговараме за ревизија на учебници и тоа само на македонските. Било кои две европски држави кога се во фаза на помирување и на отворање на маките и предрасудите, секогаш треба да се види каква е кај нив приказната за Македонија, каква е приказната во Македонија за Грција, а тоа за што стана збор во Њујорк беше за средба на експерти и историчари, рече Димитров.
 
Додаде дека Коѕијас вчера дал „многу интересна изјава и рекол дека никогаш не кажал оти делот од спорот е идентитетот, македонскиот јазик итн.“.
 
- Со фокус на позитивното многу полесно се решава и проблемот. Ако се насочиме каде се интересите каде што можеме да работиме заедно, полесно се решаваат и прашањата што не разделуваат. Во таа смисла јас имав средба и со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис кој е возрасен човек со многу млад дух и многу отворен за соработка. После локалните избори ќе пренесам на оние градови во Македонија што ќе бидат заинтересирани, да направиме работна група за заеднички проекти. Има идеја во пакет заедно да ги нудиме винските патишта во Република Македонија и во Република Грција за германски љубители на вино кои ќе доаѓаат во двете држави, нагласи министерот за надворешни работи Никола Димитров.
 
Шефот на македонската дипломатија одговори и за преговарачкиот процес меѓу Македонија и Грција и притоа рече дека многу е наблагодарно да се прогнозира што и да е.
 
- Моја задача е до максимум во рамките на можностите и дадените околности да направам се да ја убедам Грција дека добро е за Грција Македонија да оди напред, да ги вратам пријателите што ги изгубивме, да создадам нови пријатели и да водиме политика што ќе им даде аргументи во Атина на оние сили кои сакаат да не не блокираат, а не на силите што сакаат да не блокираат. Кога е во прашање идентитетот, ова е мој личен став, а не владин став, ние имаме една шизофрена ситуација во која го браневме идентитетот комплицирајќи го со процесот на антиквизација. И зошто за тоа не се отвори дебата во нашата држава, затоа што немаше простор за дебати, бидејќи политиката ја создаваше еден човек и немаше простор за будење и за дебати, истакна Димитров на средбата со новинарите во Битола.