Македонија
6. October 2017 - 15:03

Димитров: Позитивен пристап во преговорите со Грција

Преговорите со Грција за решавање на спорот подолго време беа во застој и потребен е позитивен пристап, а не „површен национализам“, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска во Прилеп.

- Сега нашиот главен пристап е да им ги одземаме аргументите, кои би ја отежнале блокадата и да не изнесуваме аргументи, кои би ја бетонирале блокадата, да работиме на враќање на старите и стекнување нови пријатели, бидејќи за да го решиме тој проблем, мора да имаме пријатели, нагласи шефот на македонската дипломатија.

Тој посочи дека Македонија во крајна линија се обидува да направи пријател и од Грција.

- Со клоцање и туркање под маса, а без позитивна агенда и без да се мисли на иднината, не може да се биде убедлив. Мојата задача е да извлечам максимум. А за толку важно прашање, мора сите заедно да видиме што е и како е. Лесно е да се каже некоја остра изјава контра Грција и да бидам „херој во Прилеп“, но што сме направиле, тогаш, со иднината на Македонија и каде се гледаме по пет години? Површниот национализам ги поразува националните интереси на земјата, рече Димитров.

На прашањето дали со претседателот Ѓорге Иванов е постигнат некаков консензус за амбасадорските места, Димитров изјави дека процесот е во последна фаза.

-  Имаме речиси целосна усогласеност за првата рунда амбасадори и најверојатно, акцентот ќе биде ставен на кариерата и дипломатијата, бидејќи наследив голема нерамнотежа помеѓу политички поставени амбасадори и луѓе кои ја работат дипломатијата како занает, вели Димитров.

Тој рече дека е оптимист за почнување преговори в година на Македонија со ЕУ.

- Ако не сум оптимист нема да може да работам, зашто е тешко да се работи нешто во кое не се верува. Мислам дека имаме шанси и не е сѐ готово, имаме уште работа, но ќе направам сѐ за да ги убедам нашите соседи, Брисел и сите членки на ЕУ дека тоа е многу добро и за Македонија, но и за самата Европа, додаде тој.

Шефот на дипломатијата нагласи дека дури и некои од европските земји се инспирирани од тоа што се случува во Македонија.

- За ова што се случи кај нас, за тоа што сѐ се „разбуди“, дел од моите колеги велат дека е инспирација и за нив. Има земји членки кои сега не се така светол пример како што беа, а ние сакаме да бидеме како тие со кои потпишуваме декларации. На пример в понеделник имам средба со претставници од Шведска и Финска, кои ни доаѓаат во посета, токму поттикнати од оваа нова надеж, од овој нов момент во Македонија, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров при денешната посета на Прилеп.

За вчерашната изјава на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, за тоа дека тој никогаш не го поврзувал спорот за името со јазикот или други прашања, Димитров одговори дека не е често грчки министер да изнесе ваков став.

- На некој начин, со нашето зреење целиот регион почна да оди во слична насока, нагласи Димитров.