Македонија
24. September 2019 - 18:09

Димитров: Отворањето пристапни преговори нуди повеќе придобивки и можности

Отварањето пристапни преговори со Република Северна Македонија нуди повеќе придобивки и можности за процесите на трансформација дома, за кредибилноста на процесот на проширување, за идните компромиси како двигател на позитивите промени, како и за неминовноста да созрееме заедно и да го забрзаме темпото кон Европската унија. Мора да создадеме чувство на заедништво и преземеме колективна акција. Стабилноста и просперитетот на земјите во регионот се меѓузависни.

Тоа се дел од пораките на министерот за надворешни работи Никола Димитров изнесени денеска на работниот појадок со неговите колеги од Западен Балкан  и со Мачеј Поповски, заменик генерален директор во Директоратот за соседство и преговори за проширување (DG NEAR), на маргините на 74. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Состанокот е во организација на Регионалниот совет за соработка (RCC) и на него се дискутираа прашања поврзани со европската перспектива и регионалната соработка во светло на заклучоците и заложбите од Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес што се одржа во Познан, Полска во јули годинава.

Димитров посочи дека како иден копретседавач (прва земја од Западен Балкан, заедно со Бугарија, институциите на Република Северна Македонија ќе дадат максимум во функција на дополнителна афирмација на европската агенда во регионот и нејзината целоисходност во регионални рамки, преку практични проекти и иницијативи од приоритетно значење на граѓаните, соопшти Министерството за надворешни работи.