Македонија
30. October 2018 - 11:13

Димитров на состанок на Основната група на Минхенската безбедносна конференција во Минск

Министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествува на „Состанокот на Основната група на Минхенската безбедносна конференција“, што се одржува од  денеска до четврток во Минск.

– Предвидено е министерот Димитров да има излагање на тематските панели посветени на односите Исток-Запад, транснационалните закани и регионалните безбедносни предизвици, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

Состанокот е организиран во партнерство со Владата на Белорусија и ќе обезбеди неутрална платформа за политичка дебата. Околу 70 лидери ќе разговараат за безбедносните предизвици во Источна Европа и евроатлантскиот регион.  Учесниците на состанокот ќе расправаат за сегашните изгледи на Минск процесот за ставање крај на конфликтот во источна Украина,  иднината на односите меѓу Исток и Запад, ерозијата на конвенционалните договори за контрола на нуклеарното оружје во евроатлантскиот простор, сегашната состојба на регионалните конфликти, како и за одржливоста на економскиот модел на Источна Европа.

Настанот обединува истакнати учесници на највисоко ниво од повеќе региони во светот, вклучително и високи претставници од ЕУ, ОБСЕ и НАТО.

На маргините на настанот, министерот Димитров се предвидува да оствари и повеќе билатерални средби.