Македонија
31. October 2017 - 17:53

Димитров: Македонија мора да добие кредибилна и динамична европска перспектива

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров ја започна регионалната турнеја на балтичките земји со официјална посета на Република Естонија - актуелен претседавач со Советот на ЕУ и средба со естонскиот колега Свен Миксер.

Како што соопшти МНР, на средбата со шефот на естонската дипломатија, министерот Димитров ги потенцираше конкретните мерки преземени од страна на Владата во насока на исполнување на сите неопходни критериуми за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ и за зачленување во НАТО.

- Пукнатините на неизвесноста мора да бидат пополнети со кредибилна и динамична европска перспектива. Затоа мора да напредуваме кон европската иднина поучени од грешките од минатото. Резултатите на локалните избори во Македонија се истовремено и потврда и дополнителна одговорност за да се реализира реформската и европската агенда на Владата. Ќе направиме се што можеме за да добиеме позитивна препорака од ЕК и политичка одлука за почеток на преговорите во јуни идната година, истакнал министерот Димитров.

Министерот Миксер, пак, се наведува, нагласил дека Естонија како актуелен претседавач со Советот на ЕУ, останува посветен поддржувач на процесот на проширување на Унијата. Притоа, поздравувајќи ја реформската политика на Владата, се додава, министерот ја реафирмираше цврстата поддршка на Естонија за напорите на Република Македонија за зачленување во ЕУ и НАТО.

- Процесот на проширување треба да биде заснован на критериуми, заслуги и мора да биде фер. Перцепцијата за позитивна динамика на проширување може да служи како поттик на домашните реформи, нагласил естонскиот министер.

Двајцата министри се осврнале и на можностите за поконкретна соработка за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Притоа, естонскиот министер ја потенцирал подготвеноста на Република Естонија да ја сподели својата експертиза од областа на ИТ технологијата и дигиталната администрација, како земја предводник во овие сфери.

Во рамките на посетата на Талин министерот Димитров остварил средба и со членовите на Комисијата за надворешни работи во Парламентот на Естонија, на која била нагласена улогата на ЕУ во зајакнување на стабилноста и просперитетот на еден цел регион, за што пример е токму балтичкиот регион. Во разговорите меѓу другото била реафирмирана и подготвеноста за поинтензивна соработка меѓу парламентите на двете држави.

Министерот Димитров одржал и предавање на тема „Република Македонија до ЕУ и НАТО преку нова реформска политика“, во организација на реномираниот „Естонски Институт за надворешна политика“ и даде интервју за дневниот весник „Паевалехт“.

Балтичката турнеја шефот на македонската дипломатија ја продолжува со работни посети на Република Латвија во среда и четврток и Република Литванија во петок, посочуваат од МНР.