Македонија
28. March 2018 - 17:29

Димитров и Коѕијас патуваат со оптимизам на средбата со Нимиц во Виена

Најновата средба за спорот со името, за Димитров е надеж за напредок во процесот. Министерот за надворешни, синоќа во интервју за Топ Тема појасни дека недостоинствено е да се прифати слеано име на државата, а решение на проблемот, според него е име од кое нема да се срамиме. По средбата во Виена, за деталите, Димитров ќе го информира државниот врв и лидерите на најголемите партии.

На два дена пред средбата, грчката страна ги повтори позициите во спорот.. Сложено име со географска одредница, без иредентистички елементи и промена на македонскиот Устав е решението според шефот на грчката дипломатија. Коѕијас во обраќањето на промоцијата на книгата „Македонското прашање“ посочи:

„Вистинското „ерга омнес“ е да важи за сите и за сите односи, односно и за внатрешноста. Да важи и да биде изразено со меѓународниот договор што ќе го потпишеме во ОН и со промените што треба да се направат во нивниот Устав“, изјавил Коѕијас.

Идентичен став има и поранешниот министер за надворешни Венизелос според кого името би требало да биде по можност непреведено, а да го употребуваат и државите кои веќе го признале уставното име на државата.

Поранешниот евроамбасадор во земјавата Ерван Фуере пак порачува дека Грците треба да ја заборават опсесијата со иредентизмот, а Европската унија да им каже дека има граница на блокирањето на Македонија. Тој во интервју за мкд.мк вели дека очекува од грчката страна да ги редуцира барањата и да покаже дека е подготвена за компромис.

„Не знам што очекуваат со име само на македонски, непреведено, бидејќи што значи тоа, дека секој во светот треба да учи македонски за да го изговори името? зашто сега луѓето користат Македонија на англиски и така и се обраќаат на земјата“, вели Фуере.

Тој во интервјуто оценува дека во решавањето на спорот, Европската унија не е неутрална поради фактот дека Грција е нејзина членка.