Македонија
29. March 2018 - 16:21

Димитров и Коѕијас ќе ја почнат новата рунда преговори за името со работна вечера во Виена

Во пресрет на утрешната средба со медијаторот Метју Нимиц, шефовите на македонската и на грчката дипломатија, денес во Виена ќе имаат работна вечера. Информацијата ја објавија грчките медиуми, кои соопштуваат дека Никос Коѕијас во Австрија ќе пристигне од Албанија, откако тој денеска ќе се сретне со неговиот албански колега Дитмир Бушати, во рамките на дијалогот за решавање на нерешените билатерални прашања.

Заедничката средба на Димитров и Коѕијас беше и во фокусот на грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој говорејќи за прашањето за името на Регионалната конференција во Солун, порачал дека неговата земја не влегува во преговорите за да се постигне било какво решение, и дека очекува од нашата земја да преземе тешки, но неопходни одлуки.

Преговараме со чувство на одговорност и со цел да постигнеме решение што ќе ги гарантира нашата историја и нашето културно наследство, а во исто време ќе исклучува секаков вид на иредентизам од другата страна. Атина сака решение што во иднина ќе им „даде можност на двата народи да продолжат мирно по патот на соработката и развојот“, истакнал Ципрас.

Тој повторил дека Грција како предуслов за решавање на спорот ќе бара промена на Уставот на нашата земја.

Сакаме решение што ќе издржи низ времето, а не решение што ризикува многу брзо да се урне и затоа, меѓу другото, како предуслов ја ставивме и промената на Уставот на соседната земја, додал Ципрас.