Македонија
30. August 2019 - 16:47

Димитров до ЕУ колегите за „Рекет“: Една личност нема да биде причина да се откаже цела нација

Западните членки на ЕУ се лицемерни за проширувањето, обвини денеска шефот на унгарската дипломатија Петер Сјарто, спроти неформалниот состанок на минстрите за надворешни работи на ЕУ и земјите кандидати за членство.

Сјарто смета дека одлагањето на одредување датум за преговори за Македонија и Албанија во јуни е спротивно на интересите на Унијата.

,,Ние сме земја која го поддржува проширувањето, значи за брзо проширување на ЕУ, и забрзување на процедурата за пристапување и отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, но искрено, моето искуство покажува дека некои од моите западни колеги само зборуваат за проширувањето, а кога ќе дојде време за носење одлуки обично се против. Тоа е лицемерие‘‘, изјави Сијарто.

Со поддршка на проширувањето, но и предупредување за последиците од запирање на процесот, денеска излегоа и шефовите на дипломатиите на повеќе земји членки на Унијата.

,,За Финска најважно е процесот на проширување да продолжи. И затоа треба да продолжи со земји како Северна Македонија и Албанија. Посебно Северна Македонија направи многу напор за да ги почне преговорите и мислиме дека ќе биде добро да се задржи процесот на проширување на ЕУ‘‘, изјави Пека Хависто, МНР на Финска.

,,Се надевам дека ќе имаме добро решение во октомври. Македонците многу работеа на ова. Исто и Албанците. На нас е да го направиме тоа што треба. Историјата покажува дека секогаш се отвораат прозорци, но кога ќе се затворат е лошо‘‘, смета Жак Аселборн, МНР на Луксембург.

,,Дали ќе има или ќе нема покана? Бидејќи тоа ќе има многу сериозни последици по процесот на проширувањето‘‘, изјави Мирослав Лајчак, МНР на Словачка.

Според информациите на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, најголемиот кочничар на почеток на преговорите, Франција, се уште не заземала позиција по тоа прашање. За поврзаноста на Катица Јанева со случајот Рекет, Димитров потсети дека таа е во притвор, но и дека треба да се почитува пресумпцијата на невиност.

,,Сепак, има индиции дека е инволвирана што остава горчливо чувство бидејќи жедта за правда во земјата и помеѓу луѓето е огромна. Тоа што е важно е дека кога проблемот е откриен, клучно е системот да реагира. И сега системот мора да реагира. Една личност не може да биде причина целата нација да се откаже, ние мораме да продолжиме, а патот е владеењето на правото‘‘, рече Никола Димитров.

Инаку, денеска Димитров со шефот на дипломатија на Кипар, последната членка на ЕУ со која земјава немаше официјални односи, го потпиша Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.