Македонија
16. March 2020 - 22:24

Димитров: Aко утре тргнете некаде, не се знае дали ќе може да се вратите

Ситуацијата се менува од час во час, ако утре тргнете некаде, не се знае дали ќе може да се вратите, изјави вечерва министерот за надворешни работи Никола Димитров на заедничката прес-конференција со министерот за здравство, Венко Филипче за коронавирусот.

„Невообичаено е еден министер за надворешни работи да апелира да не се патува, но такви се состојбите. Мораме за ова да апелираме. Денеска на унгарско-српската граница околу 200 македонски граѓани беа заглавени и по комуникацијата со Романија и Бугарија, очекуваме утре наутро тие да се појават на македонскиот граничен премин Деве Баир“, вели тој. 

Тој рече дека сега ситуацијата е непредвидлива. 

„Државите затвораат граници, аеродроми, авиокомпаниите откажуваат летови. Македонските државјани што имаат регулиран престој во други држави да не се упатуваат кон татковината. Има најава дека и ЕУ ќе ги затвори границите за сите несуштински патувања. Граничниот режим на другите држави не зависи од нас“, рече Димитров.

Тој апелираше дека сега е време да се седи дома. 

Вечерва Филипче соопшти дека има уште 5 заразени со коронавирус, а утре треба да се потврдат уште два случаи на луѓе кои се тестирани и се позитивни.