Македонија
6. September 2021 - 18:53

Димитриевски: Нема да дозволам некој да го направи Куманово пашалук

Актуелниот градоначалник на општина Куманово и независен кандидат за втор мандат Максим Димитриевски, во интервју за Прес 24 потенцира дека поединци сакаат да го имаат Куманово под свое.

Димитриевски истакнува дека граѓаните не се бореле за да видат иста приказна како таа која беше симната од власт. Но, и дека сите не се исти и нема ни да бидат. 

„Девизата дека сите се исти не сакам да биде реалност во Македонија. Не сме сите исти и нема ни да бидеме. Овој расплет на настаните јас најмалку го очекував од мојата партија која се повикува на демократски капацитет. Покажав дека нема да дозволам да бидам жртва на манипулации и политички калкулации. Јавно побарав поддршка од мојата матична партија за да ја поддржат мојата кандидатура, но поединци во партијата наместо да одат со народот на Куманово одбраа да одат да го делат народот. Јас немам проблем со никого, дали некој има проблем со мене тоа е вистинското прашање. Верувајте кога работите по правила и процедури и кога не потклекнувате под притисоци имате непријатели. Но, тоа не ме плаши, туку напротив ми дава дополнителен стимул да покажам дека чесни луѓе има и меѓу политичарите, ги имало и ќе ги има“, посочува Димитриевски.

Димитриевски вели дека е социјалдемократ по убедување кој верува во социјалдемократските вредности, а член во СДСМ е од 1995 година. 

„Ги почитувам моите партиски другари, но сум човек што не знае да премолчи пред неправди или да не го искаже својот став кога не се согласува со нешто. Тоа е убавината на демократијата, за тоа се боревме, да можеме јасно и гласно да го кажеме својот став, затоа што само преку конструктивна критика, предлози и сугестии можеме да го движиме општеството кон подобро, кон напредок. Прочитав изјава дека Максим свртел грб на Максим, односно јас самиот на себе. Да бидеме на чисто, јас не свртев грб на никого, јас сум тука да служам на граѓаните на Куманово и тука сум поради нив. Изминатите четири години покажав и докажав што значи да се биде добар градоначалник, кој се грижи подеднакво за сите свои граѓани. Градоначалник кој ги слуша граѓаните и врз база на нивните потреби заеднички ги креираме локалните политики за развој на Куманово. Покажав дека нема да дозволам да бидам жртва на манипулации и политички калкулации. Јавно побарав поддршка од мојата матична партија за да ја поддржат мојата кандидатура, но поединци во партијата наместо да одат со народот на Куманово одбраа да одат да го делат народот“, истакна Димитриевски. 

Во однос на информациите за негово исклучување од партијата, тој вели дека разочарувањето е огромно затоа што е одлука на поединци, а не одлука на партиското членство.

„Статутот на партијата е јасен. По покренување на таква одлука треба да се повика членот кој се отповикува на јавна расправа и тој има право на образложение и жалба. Бевме сведоци на изјави од поединци од СДСМ дадени пред време дека ме исклучиле. Моето социјалдемократско убедување никој не може да ми го одземе, ниту пак може некој да ми го одземе правото на јавно искажан став. Очекував повеќе од раководство кое се декларира како демократско, а не очекував дека поединци во партијата ќе успеат со свои интриги да направат толку голема штета за членството, симпатизерите и поддржувачите. Еднаш кажав и ќе повторам нема да дозволам некој да го направи Куманово пашалук. Кумановци тоа нема да го дозволат“, потенцира Димитриевски. 

Во интервјуто, Димитриевски истакнува дека неговата намера била јасна за втор мандат и на сите партиски анкети бил на прво место. 

„Кај мене никогаш немаше скриени калкулации, за разлика од тоа што го правеа поединци во партијата. Нелогичен е овој потег на мојата партија да оди со друг кандидат наместо да ме поддржи. Изјавите дека мене некој ме развивал и ми давал можност за лична промоција е навистина смешна. Секој човек се развива самостојно со своите можности и капацитети, партијата не треба да биде место за развој на една личност, партијата ги спојува членовите за една идеологија. Во една партија најважна е идеологијата, тоа не прави членови на една партија, во која мора да зборуваме директно и отворено за сите проблеми, да креираме идеи, концепти кои треба да го подобрат животот на граѓаните. Тоа е партијата. Многу погрешно и поразително е да се мисли дека лукративниот пристап и клиентелизмот, дворските игри или византиските игри се обележје на една партија. Жално е што наместо идеологија зборуваме за почитување на основна демократија, како слободата на изразување. Јас се уште сум член на СДСМ и не сум исклучен. Според статутот на партијата треба да ме повикаат да ја објаснам мојата одлука. Јас и претседателот на паријата го информирав за сите активности што ги планирав, без да добијам конкретен одговор од другата страна.  Не сум човек што води монолози, сакам дијалог и разговор“, изјави Димитриевски.

Во однос на можни опструкции во кампањата, Димитриевски вели дека очекува и е подготвен на се, затоа што нема ниту една дамка во своето работење. 

„Истиот човек сум како и пред да станам градоначалник. Регирав на назначувањето на директор во една детска градинка. Ми беа одземени ингеренциите на локалната самоуправа во поставување на директорот во детската градинка. Денес имаме проблем што директорот што го постави Министерството имаше скандал со труење на деца во истата градинка - случај кој ден денес не е разјаснет. Реагирав прв кога се појавија информациите дека средства од  Фондот за иновации беа дадени на блиски луѓе во Владата. Па зарем да молчам кога ние се боревме токму против тоа – да не бидеме исти како претходната влада? Реагирав на наместени тендери во министерство за здравство за набавка за реагенси, испумпувања на милиоди додека мојот град сеуште нема мамограф а луѓето умираат секојдневно. Кога се случи експлозијата на случаи на КОВИД 19 во Куманово барав да се примени концептот на Дебар кој се покажа успешен. Не само што не ме послушаа и изгубивме многу човечки животи туку јас завршив со кривична пријава, дека наводно сум го напуштил домот за време на изолација. И секако не ќе бев јас ако не реагирав на интервјуто во БГНЕС на премиерот со став дека Бугарите во втора светска војна не го ослободија Куманово, туку го ослободија кумановци, нашите и сојузничките партизански сили. Фашистичка бугарија била окупатор, никогаш администратор, бришење на споменици не смее да има и нема да има, тоа е нашата историја и долг кон предците наши. Во вакви околности спремен сум на се, ама немам што да кријам и немам од што да се плашам затоа што со мене ги има кумановци. Различното мислење е вредноста која мора да се негува за унапредување на демократијата во една земја, а не да биде мотив за пресметки и лични суети“, потенцира Димитриевски. 

Неговата визија со следниот четиригодишен мандат е Куманово да продолжи да се развива и расте, да остане пример за град каде проблемите се решаваат без никакви потешкотии и каде градоначалникот и општината се вистински сервис на граѓаните со стратешки пристап за развојот и решавање на комуналните проблеми за кумановци и за Куманово.