Македонија
24. October 2021 - 13:47

Димитриевски: Не сум предал никој, ја барам поддршката од сите

Независниот кандидат за градоначалник од иницијативата „За наше Куманово“, Максим Димитриевски на денешната прес-конференција кажа дека никогаш не ги делел граѓаните по ниту една основа и ја побара поддршката од кумановци без разлика на нивната партиска или какви било друга определба.

– Сакам во оваа прилика на оваа прес-конференција да ги демантирам сите лажни обвинувања кон мене и кон концептот „За наше Куманово“. Не сакам да се впуштам во коментари на индивидуални ставови на поединци претставници на политички партии, само сакам да потенцирам дека концептот „За наше Куманово“ е од граѓаните за граѓаните на Куманово,рече Димитриевски.

Тој кажа дека ја почитува бројката на гласови добиена во првиот круг од локалните избори, за која рече дека за нив била убедлива и најмасовна како концепт и за него како градоначалник. Димитриевски нагласи дека продолжуваат во вториот круг и бараат поддршка од сите граѓани од општината без разлика на која политичка опција ѝ припаѓаат. Опцијата, рече кандидатот, работи за граѓаните.

– Нашата цел е да ја ставиме политиката и личните и политичките интереси на поединците коишто ги имаат узурпирано политичките субјекти во втор план, а да работиме исклучиво во интерес на граѓаните за да може Куманово рамномерно да се развива и шири како еден модерен и урбан град. Затоа остро ги демантирам сите лажни обвинувања дека некој некого има разочарано или пак некој некого има предадено, рече Димитриевски.

Тој кажа дека ќе направат се во вториот круг да добијат уште поубедлива поддршка без разлика од која политичка партија или опција ќе биде поддршката.

– Едноставно, поддршката ја барам од сите и од членовите на СДСМ, на ВМРО ДПМНЕ и од членовите на политичките партии кои припаѓаат на албанскиот блок, буквално од сите граѓани без разлика на нивната етничка верска или политичка припадност,рече Димитриевски.

– Ги отфрлам и, дополни, сите лажни обвинувања за наводни реваншизми или создавање и вршење на притисоци. Сум бил, сум и ќе бидам градоначалник на сите граѓани и ниту во еден момент нема да дозволам ниту еден граѓанин поради своето партиско, политичко или какво било убедување да трпи конснквенции или реперкусии, рече Димитриевски.

Тој информираше дека остварил средба со кумановските спортски легенди и најави проекти за подобрување на спортска инфраструктура, завршување на проектот за реконструкција на Соколана, објкет што, како што рече, ќе биде современ музеј на спортот во градот, а ќе се реконструира и градскиот стадион.