Македонија
29. January 2016 - 18:44

Димитриев:Изборите ќе бидат фер, демократски и кредибилни, по сите европски стандарди

Изборите што ќе одржат ќе бидат фер, демократски и кредибилни, по сите европски стандарди. Стандардите се јасни и прецизни, има услови и има време и ресурси сето тоа да се организира, истакна премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев по средбата што се одржа попладнето во Владата со амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џејс Бејли.

Димитриев оцени дека со амбасадорите имале добра и конструктивна средба на која како и на претходната ги изложил неговите видувања и преземени активности во контекс на неговиот мандат, односно организацијата на изборите на 24 април.

Toj посочи дека во меѓувреме се одржани и две средби со ДИК и оти како Влада ги презеле сите неопходни мерки во функција на одржување фер и демократски избори. - Ова го правиме со полна пареа,  но и одговорно и сериозно свесни дека народот го очекува тоа од нас и свесни оти одржување на изборите на 24 април води кон излез од оваа криза која и беше наметната на нашата земја. Граѓаните на РМ очекуваат од сите нас оваа криза да заврши ден поскоро и ние имаме одговорност да го направиме тоа, рече Димитриев.

ДИК, наведе, има јасен мандат и сите нејзини членови имаат одговорност пред Уставот, законите и народот на државата да ја исполнат својата обврска на време. Ова, оцени, е посебно важно откако е јасно дека четирите партии го утврдија Законот за избори каде се решени сите аспекти на изборите.

- Се договорија и изгласаа заедно во Парламентот закон во кој стои дека изборитге ќе бидат на 24 април што значи презеле обврска за тоа. Дополнително Парламентот донесе  одлука за негово распуштање на 24 февруари со што се затворија сите дилеми околу датумот на одржување на изборите, посочи Димитриев. Во нормални околности, додаде ДИК требаше да дознае за одлуката за избори дури на 24 февруари со распуштање на Парламентот и требаше да ги организира изборите со тие рокови. Овојпат ДИК има скоро месец и половина повеќе време за тоа да го направи.

- Секоја опструкција во рамки на ДИК е само за пролонгирање на кризата во државата и нејзино продлабочување што нема да добие поддршка од никој сериозен фактор, потенцира премиерот задолжен за спроведување на изборите.

Димитриев ја повика СДСМ денеска да ја извести ДИК како што тоа го направиле сите други политички партии дека ја прифаќа методологијата за прочистување која ДИК едногласно ја донесе после што таа Комисија веднаш ќе може да започне со прочистувањето на Избирачкиот список.

- За Избирачкиот список бев информиран дека сите партии освен СДСМ се откажале од сите амандмани што ги поднеле и оти ДИК ја утврди предлог методологијата едногласно со согласност  од сите членови со поддршка дури и од оние кои се предложени од страна  на СДСМ. Фактот што се бара начин да се тргува методологијата со медиумите како што една од партиите тоа деновиве го изјави, само покажува дека методологијата не е воопшто проблем, туку дека е инструмент кој некој сака да го користи за опструкции и нови проблеми. Оттука, и оправдано е стравувањето базирано на информациите кои стигнуваат до нас дека една партија раскажува дека нема да има избори. Ја повикувам СДСМ да престане да го блокира донесувањето на методологијата и прочистувањето на Избирачкиот список. Ја повикувам денеска да ја извести ДИК како што тоа го направија сите други политички партии дека ја прифаќа методологијата за прочистување која ДИК едногласно ја донесе после што ДИК веднаш ќе може да започне со прочистувњето на Избирачкиот список, рече Димитриев.

Во однос на медиумите наведе дека е информиран оти се што е поврзано со организацијата на изборите во април 2016 е договорено и вградено во последните измени на Изборниот закон усвоен од сите партии во Парламентот.  Во тој закон, посочи, стојат јасно и прецизно сите правила поврзани со изборите кои медиумите мора да ги почитуваат, а правилата се однесуваат на давање еднаков пристап до јавноста, како и обврски за еднаков пристап до рекламен простор кај радиодифузерите и до простор во информативната програма на јавниот радиодифузен сервис.  

- Тоа стои јасно во Изборниот закон. Оттука, секој понатамошен обид за проблематизирање на медиумите само придонесува во креирање негативен амбиент и намерно отворање теми кои немаат врска со слободата на медиумите, туку имаат со нечии обиди за укинување на таа слобода, рече Димитриев.

Според него, во Изборниот законик на барање на СДСМ се внесено работите: забрана медиумите да спонзорираат политичка кампања на било која партија, политичките партии ќе имаат еднакво време за бесплатна презентација на МТВ, обезбедена е законска гаранција за пристап до рекламен простор на секоја партија на сите комерцијални медиуми, медиумите нема да смеат да ги менуваат ценовниците за рекламирање на политичките партии и ценовникот трба да биде ист за сите политички партии, во информативната програма на МТВ законот обезбедува еднаков пристап и тоа по 30 проценти за партиите  на власт и 30 проценти за партиите од опозиција, МТВ е должна да организира дебатни емисии, известувањето за редовните активности на институциите не смее да биде во функција на изборно медиумско преставување на ниту една политичка партија, забрана за политичко рекламирање на сите медиуми кое стапи на сила на 20 декември 2015 година и забрана за владино рекламирање.

Премиерот за спроведување на изборите потенцира дека дополнително охрабрува фактот што ВМРО-ДПМНЕ даде бланко поддршка за кој било европски закон да се имплементира во Македонија. - Македонија цели кон ЕУ и нејзините стандарди, и оттука ја поздравувам одлуката на ВМРО-ДПМНЕ практично да покаже целосна отвореност за прифаќање на било кој закон од било која земја членка на ЕУ. Има 28 земји членки на ЕУ и опозицијата може слободно да одбере кој закон сака да го преземе и за тоа ќе ја има поддршката од другите партии.Значи и за ова топката е кај опозицијата, наведе Димитриев и додаде дека постојниот Закон за медиум беше донесен со поддршка на ЕУ и дури и ги добил највисоките оценки.

Димитриев рече дека е за поздравување и напорот на петте национални медиуми (Телма, Алсат, Сител, Канал 5 и Алфа) да дадат свој придонес во оваа дебата и ги поздрави и обидите на двете новинарски здруженија МАН и ЗНМ да помогнат.

Според премиерот за спроведување на изборите, никој не смее да прави притисок за гласање врз никого и ако постои и се докаже такво нешто таа личност мора да биде и ќе биде санкционирана. Воедно, додаде дека никој никому не смее да забрани да се појавува во јавност на какви било настани.

Димитриев наведе и дека мешањето на партијата со државата како флоскула не смее да се вулгаризира до таа мера што, како што рече, „сите ќе треба да заборавиме дека генералниот секретар на СДСМ е министер за внатрешни, а генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ е премиер на Владата за организирање на изборите на 24 април“. 

- Дали некој присуствува на некој настан на отварање проект или мерка која тој ја предложил и работел на нејзина реализација е право дали тој што го организира настанот ќе го покани и е елементарно право на секого. Јас би бил најсреќен кога би имало многу проекти низ државата на кои заедно би се појавувале и лидерот на најголемата партија и лидерот на опозицијата, затоа што во сета оваа криза и деструкција како да се подзаборави дека основна работа на политичарите е да создаваат дела и проекти за народот, да предлагаат мерки и реформи да го подобруват животот, а не да создаваат кризи и да бидат дел од разни завери и да размислуваат само како да наштетат нешто наместо да создадат  нешто, рече Димитриев.