Македонија
22. October 2016 - 22:08

Димитриев: Органите на правдата да не бидат портпароли на партиите

Органите од областа на правдата мора да останат надвор од политичката битка на партиите. Тие не смеат да остават впечаток на политичка обоеност. Владата, како и досега, ќе им дава целосна поддршка на сите органи на правдата и во поглед на финансии и во поглед на логистика, но и ќе реагира кога ќе има чувство дека овие органи ја газат линијата на професионалноста, истакна премиерот Емил Димитриев во вечерашното обраќање на Свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Ова, рече Димитриев, е мојата порака до партиите и таа порака треба да се сфати добронамерно и во позитивен дух, зашто сум длабоко убеден дека обидот на која било партија да искористи кој било орган на правдата во функција на својата политичка агенда, ќе биде контрапродуктивен, нема ништо да промени и наместо да донесе политички поен таквиот потег ќе резултира со губење на поддршка од граѓаните.

Според него, политичката борба треба да се сфати како политички натпревар со почитување на правилата на игра, своевидно витештво без удари под појас, а не како политички театар на спектакли и сапунски серии. Прес конференциите се, пред се, за политичарите. Партиите треба да зборуваат и да се натпреваруваат за реалните проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните.

Сите партии и поединци, нагласи Димитриев, треба да се воздржуваат од преземање чекори кои на еден или друг начин ќе имаат влијание на изборниот процес.

- Ангажманот на државните и специјалните органи кои оставаат впечаток на тенденциозност и пристрасност во предизборен период, покажуваат очигледна намера која македонската јавност јасно ја гледа. Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство не треба и не смеат да се претворат и да добијат улога на портпароли на политичките партии и да бидат алатки во функција на политичките агенди, посочи премиерот.

Безбедносните сили во изборниот период, додаде, треба да се однесуваат професионално и согласно правилата на службата.

- Како човек кој значителен дел од својата кариера ја поминал во безбедносниот сектор, силно го осудувам секој облик и обид за предизвикување конфликтност и конфронтација во редот на безбедносните сили. Нашите безбедносни сили се гордоста на нашата државата на кои сме им благодарни за сето она што го имаат направено за татковината. Тие треба својата енергија да ја насочат кон приоритетите за справување со безбедносни ризици и предизвици  кои се карактеристични за модерниот свет во кој тероризмот е се повеќе присутен, подвлече премиерот Емил Димитриев.