Македонија
1. May 2016 - 16:47

Димитриев на утринска литургија во Штип

Да надвладее разумот и позитивната мисла, порача Претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев кој заедно со семејството присуствуваше на утринската Велигденска литургија во централниот соборен храм на Брегалничката епархија „Свети Никола“ во Штип. Димитриев им го честиташе Велигден на сите православни христијани и посака овој празник да донесе кај сите семејства повеќе љубов и разбирање со оние кои што можеби имале недоразбирање во минатотото.

- Во  овие тешки моменти за Репулика Македонија овој празник дојде во вистинско време и се надевам дека по празнувањето , по духовното исполнување на нашите души кои што го имавме овие денови во нашите цркви, манастири дека Република Македонија ќе се надмине самата себе и овој проблем и оваа криза што ја имаме и дека ќе запловиме во едни мирни води, рече Емил Димитриев, претседател на Владата за спроведување на изборите.

Со литургијата во храмот во Штип чиноначалствуваше митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион.

- Посакуваме воскреснатиот Бог, кој што со смртта, смртта ја победи, кој што на светот и на човечкиот род му даде мир и ослободување од гревовите нека подари мир и благосостојба во татковината наша, меѓу луѓето наши и нека подари љубов и единство и со светлината Христова, како што и нашите предци победувале во минатото така и сега ние во овој голготски миг од нашиот живот во татковината наша да го надминеме со Воскресението Христово, со љубов да ги поздравиме непријателите наши, со љубов да се засакаме и како што вели паскалната стихира со љубов да се прегрнеме и едни на други да си простиме заради Христа и Воскресението, вели г. Иларион.

Покрај во храмот Свети Никола денеска со свечени литургии се одбележува првиот ден од Велигден и во другите  цркви во Брегалничката епархија.