Македонија
22. October 2016 - 22:02

Димитриев: Економијата и новите работни места врвен приоритет

ВМРО е симболот на Македонија за која вреди посветено и одговорно да работиме и која мора да ја оставиме поуспешна на нашите деца. Не постои сила која може да не оттргне од тој пат зашто тоа е желбата и интересот на сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци. Ние денес ја градиме нашата сегашност, но и нашата иднина, рече премиерот Емил Димитриев во вечерашното обраќање на Свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Димитриев напомена дека изградбата на државата е комплексен и долготраен процес кој никогаш не треба да запре и во кој е потребно секоја генерација да се вложи.

- Изградбата на државата подразбира изградба на автопати и аеродроми, регионални, магистрални и локални патишта, изградба на селата и градовите, изградба на болници и домови, спортски терени и сали, изградба на училишта и градинки, објекти на културата, железнички пруги и станици... Изградбата на државата подразбира инвестиции и поддршка во земјоделството, поддршка за компаниите и бизнис секторот. Тоа е подобра Македонија во која посебно место зазема нашиот врвен приоритет за нови работни места, борба која успешно ја водиме. Резултат на таквата борба се 160 илјади новоотворени работни места за Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци... Борбата е и за повисоките плати, повисоките пензии, поголемата помош за ранливите, и кон ова сме силно посветени, подвлече премиерот.

Успеавме, додаде, гласот за Македонија како атрактивна бизнис дестинација да допре до компании од различни држави, кои свесни за признаените реформи и силниот економски фокус на Владата, дојдоа, се уверија во одличната бизнис клима, донесоа одлука за инвестирање и изградија свои фабрики, во кои работат многу наши граѓани.

- Тоа се дел од нашите победи кои влеваат оптимизам и даваат дополнителна енергија. Тоа е потврдата  дека сме на вистинскиот пат, дека работата дава резултати и дека треба да продолжиме. Тоа е борбата за победа на која не потсетува и поттикнува овој голем празник, зашто ВМРО е олицетворение на народот кој заслужува работа и подобар живот, потенцира премиерот Димитриев во обраќањето на Свечената академија.