Македонија
17. November 2015 - 16:50

Диме Спасов во одбрана на институциите и граѓаните по партизацијата на министерството од Ременски

Заменик министерот Диме Спасов застанува цврсто во одбрана на граѓаните и вработените во Министерството за труд и социјална политика.  По обидот на техничката министерка Ременски да го партизира министерството, Спасов во известување денеска им порача на вработените дека партискиот ценозр на СДСМ Мила Царовска не е вработена во министерството и тие имаат должност да не постапуваат по барањето на Ременски.

-Ве информирам дека известувањето кое е испратено на 15 ноември 2015 година во 12 часот од страна на Наташа Методиева од кабинетот на техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ременски, а во кое незаконски ви се укажува Вашите одговори на барања на граѓани да ги упатувате на одобрување кај лицето Мила Царовска, лице кое не е вработено во Министерството за труд и социјална политика, нема НИКАКВА правна сила и ИМАТЕ ПРАВО И ДОЛЖНОСТ да не постапувате по него, стои во известувањето кое Спасов денеска го испратил до вработените во Министерството.

Тој додава дека известувањето на Ременски нема никаков законски основ и претставува груб обид за партизација на институциите, нешто што Спасов вели дека нема да дозволи. Тој ги предупреди вработените дека постапувањето по наредбите на Ременски може да повлече и законска одговорност.

Извори меѓу вработените во Министерството велат дека ова известување на Спасов било дочекано со одобрување од вработените кои веќе два дена негодуваат нивната професионална работа да оди на цензура на Бихаќка. Тие велат дека по инсталирањето на кадрите на СДСМ во министерството, врз нив се врши невиден притисок, а тимот на Ременски кон нив се однесува понижувачки.

Фросина Ременски се најде во центарот на тежок скандал откако побара сите вработени во труд и социјала кога ќе добијат прашања од граѓаните и институциите, пред да ги испратат одговорите, задолжително да ги достават на цензура кај претседателката на комисијата за труд и социјала на СДСМ, Мила Царовска, која не е вработена во Министерството.

Експертите предупредија дека Ременски нема професионален капацитет да води со една толку значајна институција, а постапките во последните два дена ги оценуваат како севернокорејски методи на партијата која за демократија се залага само декларативно. Според нив, скандалот во труд и социјала е само слика за врвното лицемерие  особено ако се знае дека на Бихаќка барем додека се вклучени камерите се залагаат за одвојување на партијата од државата.