Македонија
23. August 2019 - 15:04

Димче Арсовски: Нарачателите не смеат да бидат амнестирани од одговорност за „Рекет“

Катица Јанева и Зоран Заев се едно исто. Сведоци сме како јавноста го затега обрачот околу Зоран Заев, а тој во очај ги пушта низ вода сите околу него само за да си ја спаси сопствената кожа.

Пипците на Зоран Заев во судството и обвинителството се обидуваат да ја одложат, развлечат и забошотат истрагата за случајот „Рекет“ каде што и врапчињата знаат дека овие што сега се во притвор се само пиуните. Сите знаат дека главните играчи, нарачатели и рекетари се наоѓаат во врвот на Владата и во врвот на СДСМ.

Нарачателите на Катица Јанева, Боки 13 и останатите не смеат да бидат амнестирани од одговорност за овој милионски „Рекет“.

Обрачот околу Зоран Заев се затега. Џабе им е одлагањето на експедитивна истрага цели четири месеци. Џабе им е што ја оставија Катица Јанева четири месеци да брише траги и докази, да форматира компјутери во СЈО, да влијае врз сведоци.

Истрагата се води многу штуро, летаргично и со огромна доза на непрофесионалност.

Зошто се уште не е викнат на распит синот на Катица Јанева, Лазар Јанев, кој има една од клучните улоги во комуникацијата со бизнисмените во телевизијата на Бојан 13?

Зошто се уште синот на Катица Јанева е на слобода, ако знаеме дека тој му беше десна рака на Боки 13 во телевизијата преку која бизнисмени склучувале договори наводно да се рекламираат на истата телевизија, а тој бил задолжен за делот на маркетинг?

До каде е истрагата за Кики и Фрики? Дали е вистина дека тие ги имале едни од клучните улоги во функционирањето на Меѓународниот сојуз, а биле поддржани и со амин на Зоран Заев?

До каде е истрагата на УЈП и на финансовата полиција кои требаше од вчера да почнат со истрага и зошто истите доцнеа цели 4 месеци со почеток на истрагата?

Кои луѓе од СЈО се инволвирани во случајот „Рекет“, зошто овие се уште информации се уште се кријат?

Зоран Заев и СДСМ нема да успеат да го прикријат случајот „Рекет“ и да го затворат по свое сценарио кое само нив им одговара.

Напротив, сите инволвирани мора да одговараат за рекетирањето.

Рекетарите како Зоран Заев и СДСМ мора да паднат од власта и да одговараат. Веднаш потоа откако СДСМ и Зоран Заев ќе паднат од власта следува обнова на Македонија.

Прашање: Во СДСМ вчера имаше централен одмор, таму беа направени партиски и кадровски измени меѓутоа имаше и предлози за министерско место за финансии и неколку заменички места. Како  вие гледате како опозиција на оваа да речам подновување на СДСМ имајќи во предвид дека тие се пофалија дека се работи за подмладување?

Одговор: Видете не би рекол дека се работи за подмладување, напротив Зоран Заев во моментов е во длабок очај и е фатен во сериозен скандал на криминал и корупција којшто многу тешко му оди да го менаџира, бидејќи како што знаеме веќе има истрага и сите, сите насоки водат кон него. Дали ќе успее да се оттргне од случајот, не знаеме тоа зависи колку му се долги пипците во судството, но, во однос на назначувањето на нови луѓе нашите информации говорат дека многу поискусни луѓе добиле понуда од негова страна, да бидат на местото на коешто беа назначени овие двајца коишто ги промовираат како подмладени кадри, меѓутоа бидејќи поискусните се свесни дека оваа влада на Зоран Заев е осудена на пропаст и е заглавена во  тежок криминал, нормално го одбиле па барал луѓе коишто се неискусни и кој можеби имаат некоја болна амбиција за да си остварат некои свои амбиции зацртани од порано. Затоа најде неискусни луѓе, во однос на останатите кадровски померувања гледаме дека сепак останаа како потпретседатели Оливер Спасовски, Мухамед Зеќири, Дамјан Манчевски. Сите знаеме дека Мухамед Зеќири нема ништо направено изминатиов период. Сите знаеме дека Оливер Спасовски е еден од најголемите неработници – министри во државата, криминалот цвета, корупцијата цвета. Имаме еден милион нерешени убиства и случаеви во МВР. Имаме сериозни скандали каде што меѓу другото и тој самиот има сомнеж дека е вмешан во бизниси со бензиски во Куманово. Тука е Дамјан Манчевски од којшто не видовме буквално еден проект којшто е за добробит на граѓаните. Така да џабе им се сите овие сите померување којшто се обидуваат да ги направат. Тука нема ништо од тоа. Напротив за не повеќе од година дена следува смена на оваа власт и само би можел да им порачам дека жалосно е што едни кариери кои тек допрва требаше да почнат да се градат ќе завршат на некој начин многу лошо како што ќе заврши оваа влада.

Прашање: Од СДСМ ги отфрлаат обвинувањата  за било каква вмешаност на високи функционери  на партијата во случајот „Рекет“. Па дури и последната изјава на портпаролот денеска  беше дека нема никаква вмешаност односно поврзаност на смената на потпретседателите со случајот?

Одговор: Видете, тоа е исто како да кажеме дека оставката на Катица Јанева дента кога се уапсени првоосомничениот и второосомничениот, нема никаква врска со случајот Рекет. Кај нив ниту една случајност не е ненамерна, таму се е намерно и Зоран Заев ќе направи се што може само за да си ја спаси сопствената кожа односно ќе ги пушти сите низ вода само да си ја спаси сопствената кожа. Мислам дека и повеќе од јасно е дека високи функционери на СДСМ и владата се вмешани во овој случај, мислам дека ниту еден од граѓаните не е ниту глув,на она што го слушна а ниту слеп на она што го виде на оние снимки кои што беа објавени во италијански медиум каде што првооосомничениот јасно кажува дека премиерот Зоран Заев е запознаен со целиот случај. Така да мислам дека може се да очекувам во однос на изјави од страна на портпаролот на СДСМ, бидејќи најверојатно и тој не знае каде се наоѓа во моментот. Но, очигледно е и повеќе од сигурно е според она што го видовме на снимките, дека највисокиот врв дури и премиерот е замешан во целиот скандал. Затоа бараме правилна истрага, експедитивна и брзо расчистување на случајот бидејќи после ова одговорност мора да има за сите кои што се инволвирани во овој случај, вклучително и за главата на овој криминален октопод.